Уставниот суд на Грузија ги укина прекршочните казни за користење марихуана, со што земјата стана првата од поранешните Советски републики која ја легализира употребата на канабис за лична употреба.
Одлуката се заснова само на консумацијата на марихуаната, додека одгледувањето и продажбата остануваат незаконски, соопштиле од Судот.
Во одлуката се додава дека казнувањето на човек за консумирање канабис би било согласно уставот само доколку употребата претставува ризик по друга страна.
„Според подносителите на претставката, употребата на марихуаната не е чин на социјална закана. Особено поради тоа што може да штети само на здравјето на корисникот, што го прави него/неа одговорен/на за резултатот. Одговорноста за такви дејства не претставува опасност по јавноста“, посочува Судот.
„Уставниот суд ја истакнува и одговорноста при користењето марихуана кога претставува закана за друга страна. На пример, судот ќе оправда одговорност доколку марихуаната се користи во образовни институции, јавни места – како што е јавниот транспорт, како и во присуство на деца“, дополнуваат од Судот.
Судот решавал по претставка поднесена од активисти на опозициската партија Гирши. Зураб Јапаридзе, кој бил еден од подносителите, за новинарите изјавил дека одлуката е победа за послободна Грузија.
„Ова не беше борба за канабис. Ова беше борба за слобода“, рекол тој.
На крајот на ноември минатата година, Уставниот суд ја декриминализираше употребата на марихуаната и други видови средства базирани на канабис, но ја задржа прекршочната казна за користење марихуана која се санкционираше со парична глоба.