Групна изложба на рачни изработки од шест дизајнери

Во петок во 18 часот во Галеријата Акантус, на улица Орце Николов 99, во Дебар Маало, Скопје ќе се отвори изложбата Handcrafted:mk 2018.

Групната изложба ќе ги прикаже за првпат пилот колекциите на шестте поддржани дизајнери од првото издание на платформата за поддршка на дизајнери чија основа е македонскиот занает.

Па така, на изложбата публиката ќе може да ги види рачно изработените лампи на Борче Колароски кој работи под својот бренд Лумо, накитот од сребро на Гамаро од Бојана Божиновска, рачно ткаените чанти од срма на Машиде Љочи под брендот Маша, рачно сликаните лед сијалици намененти за когнитивниот раст на најмладите на брендот Миа Ботаника на Борјана Насева, чантите од рециклирана кожа на Ева Зарезанковска и рачно сликаните маички на брендот Милениум на Ирина Чабуковска.

Овие шест дизајнери беа одбрани на јавниот повик на почеток на годинава и по неколкуте работилници за лансирање на бренд и финансиско работење, во текот на летово беа изработени првите прототипи и пилот колекции со менторите Моника Лозановска, Лидија Георгиева и Александар Ношпал.

Изложбата Handcrafted:mk 2018 ќе трае од 31-ви август до 2-ри септември во Галеријата Акантус. По овој настан изложбата ќе се пресели на саемот за уметност Ин Ситу кој ќе се одржи од 13-15 септември во МКЦ, Скопје.

Handcrafted:mk е платформа за поддршка при започнување на мали бизниси чијашто основа е рачната изработка започната од Драган Христов и Бојана Стојменовска. Се обраќа на дизајнери од сите возрасти и образовни позадини кои сакаат да започнат сопствен бизнис што ги вклучува македонските традиционални занаети. Платформата е во постојана потрага по иновативни и современи дизајнерски идеи што би можеле да прераснат во сериозен бизнис што нуди конкуретен производ на локалниот, регионалниот и меѓународниот пазар.

Платформата е поддржана од Министерството за економија на Република Македонија.