Група на здруженија за заштита на животни повикуваат на мирен протест пред ЈП „Лајка“

Група на здруженија за заштита на животни под името „Заедно за хумано утре“,  повикуваат на мирен протест пред стационарот ЈП „Лајка“, поради како што велат тие,  повеќемесечната голгота со в.д. директорката на ЈП Лајка Скопје и нејзиното грубо и несанкционирано злоупотребување на службената положба.

Протестот ќе се одржи денес, на 6 февруари со почеток во 12 часот пред стационарот.

Здруженијата бараат прекин на прогонот на активистите и опструирање на нивната волонтерска работа, итно разрешување на в.д. директорката на ЈП Лајка и јавен повик за назначување на таа позиција на долгогодишен активист-волонтер кој ужива углед меѓу активистите и градоначалникот на Град Скопје итно да отпочне постапки против актуелната в.д. директорка за да спречи понатамошна злоупотреба на службената должност.

Истовремено, групата на здруженија бараат и стационарот да биде отворен за јавноста секој ден,  итно започнување со масовни стерилизации и кастрации на бездомни животни, во најкус можен рок јавно да се објават сите документи поврзани со работата на ЈП Лајка што е законска обврска и да се укинат постојните и да се изработат усогласени со закон обрасци со кои ЈП Лајка воспоставува формално-правни односи со граѓаните.

Барањата ги имаат потпишано 22 здруженија за заштита на животните од различни градови во С. Македонија, меѓу кои Скопје, Велес, Берово, Струмица, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид, Струга и Куманово.

„Единствената заложба на здруженијата е хумано и трајно справување со бројот на бездомни животни на улиците, наоѓање соодветни домови за нив, конечно зауздување на неодговорното сопствеништво, неконтролираното размножување и трговијата со животни. А ова единствено се постигнува со работење во согласност со законот, унапредување на законите во склад со најновите научни податоци и искрена посветеност на етички и хуман третман на животните. Ова не се постигнува со лица назначени на јавни функции кои ја злоупотребуваат должноста“, велат од „Заедно за хумано утре“.

Организаторите на протестот истакнуваат дека задолжително е носење на маски и одржување на физичко растојание за време на протестот.