Груевски: Владата размислува за подобрување на екстерното

Владата планира натамошно подобрување на концептот на екстерното тестирање на учениците, соопшти премиерот Никола Груевски на денешната седница за пратенички прашања во Собранието.

„Она што сега се размислува е во правец да се даде можност да се полага наместо еднаш во годината да биде двапати или четири пати, да се воведе можност со повеќе проблемски прашања заради разбирање на суштината да се увериме дека ученикот не само што меморил одредени работи туку добро ја разбрал суштината на материјата“, рече Груевски.

Се размислува, додаде, и за тоа ако ученикот на екстерното биде оценет со единица да може да преполага доколку сака и воопшто ако не е задоволен од оценката на екстерното да добие шанса за преполагање. Тој посочи дека е можен и ангажман само на надворешни лица за набљудувачи, а отворена е и можноста за комисиско разгледување на приговорите.

Проблемот со давањето на високи и нереални оценки од страна на наставниците главно датира од времето на транзицијата, рече Груевски, „време во кое се загубија многу морални вредности и критериуми и паднаа стандардите“.

Тој нагласи дека сите наставници кои совесно, одговорно и професионално ќе си ја извршуваат функцијата ќе немаат никакви пречки во нивниот кариерен развој. Во врска со тоа дека децата со екстерното тестирање доживуваат стрес, Груевски укажа дека тестирањата и во основните и во средните училишта се нешто што е сосема нормално во сите развиени држави.