Груевски: Разочаран сум од родителите кои кусогледо застанаа зад децата

Премиерот Никола Груевски кој денеска е реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ како единствен кандидат, во својот говор пред присутните делегати во Куманово рече дека е разочаран што родителите ги поддржуваат учениците само поради спротивната политичка опција, пренесе Нова.

„Во вчерашниот мој говор кажав дека наша обврска и незавршена работа е квалитетот на образованието. Затоа изразив разочарување не толку од учениците, туку од дел од нивните родители кои кусогледо застанаа зад децата, демек да не им се мачат со математиката, а тоа што со вакви навики може да се мачат цел живот, тоа не го гледаат.

Уште на крај и виновни излеговме што сакаме да им обезбедиме поголеми шанси и поголем избор во животот. Уште повеќе ме разочараа оние родители кои ги подржаа протестите на децата, не заради тоа што сметаат дека е исправно нивното барање, туку заради тоа што се од спротивна политичка опција од нас. Политичките спротиставености наспроти иднината на нивните деца. Апсурд.

И на оние кои сакавме преку проверка на знаењето, преку државниот испит да ги натераме да научат барем за 6-ка, оти ним ќе им треба тоа знаење, а не мене нивното знаење, и на оние кои сакаме да ги охрабриме да учат математика, независно што ќе работат во животот и дали таа ќе има допирна точка со математиката.

Клучно е што математиката го развива мозокот, ја развива логиката, рационалното размислување, или народно кажано, ги развива виугите на секој млад човек. А мозоците се нашиот најсилен ресурс, кој не се троши, туку се развива. На крајот на краиштата, некој ќе научи и повеќе, а некој ќе научи и помалку. И не е важно кој колку ќе научи, важно е обидот, важно е фокусот, важно е човек да се обидува да научи затоа што на тој начин се развиваат когнитивните функции на мозокот“, рече Груевски.

Според премиерот, за паметно општество потребно е да да се развиваат мозоците и посочи дека за таков систем потребна е и поддршка од опозицијата.

„Треба меѓупартиски консензус, за да не си ставаме сопки на секој чекор… Сите сме во ист лонец, но затоа ни треба крос партиски договор за зголемување на стандардите без партиски злоупотреби и сопки. Но, не ако некој сака да воведе електронска матура, другиот да му организира протести.

Не ако некој воведе учебници Кембриџ во училиштата, кои се во редот на најквалитетните во светот, другиот да ги хушка родителите дека тоа за нашите деца е тешко совладливо. Не ако државата издвои значајни средства за превод на најпрестижните учебници на пример по право во Европа, некој декан на некој правен факултет да ги чува во некој подрум, наместо да се бори да станат прв учебник по секој предмет каде е можно, затоа што не му се допаѓа политичката ориентација на Владата која што ги превела тие учебници.

Тука би завршил со оваа тема. Оваа тема е многу значајна и на оваа тема ќе посветам многу внимание наредните години“, рече Груевски.

Извор: НоваТВ