Гром удри за време на фестивал во Германија, најмалку 72 лица се повредени

Повеќе од 70 луѓе се повредени откако гром удри за време на германски фестивал за рок музика, а илјадници посетители мораа да се засолнат во шатори или автомобили, поради можно влошување на временските услови.

Германскиот Црвен крст соопшти дека дел од повредените доживеале електричен удар од громот кој погоди за време на фестивалот „Rock am Ring“, додека останатите биле погодени од пламените јазици.

Иако поголемиот број од повредените се пуштени на домашно лекување, еден од нив кој беше оживеан од болничарите на лице место, останува во критична состојба.

Организаторите го откажаа настанот, каде требаше да настапат „Ред хот чили пеперс“ и „Блек Сабат“. Повеќе од 90 000 луѓе присуствуваа на фестивалот, кој се одржува 150 километри од Франкфурт.

Тие беа предупредени преку социјалните мрежи и официјалната веб-страница на фестивалот за временските услови. Најновите повреди дојдоа по тешките временски услови и поплави во делови од Европа, во кои загинаа 16 лица, единаесет во Германија, две во Франција, две во Романија и едно во Белгија.

Во Франција е прогласена „природна катастрофа“, а туристичките места се затворени откако се излеа реката Сена.

Нивото на водата почна да се повлекува, но официјалните власти велат дека може да потрае неколку дена за реката да се врати на нормалното ниво.