Гринпис полни 40: Идеализам, внатрешни борби и драма на отворено море

Во 1975 година, млад и храбар хипик се изложи на ризик пред харпуните на руски брод кој ловеше китови близу калифорнискиот брег. Тогаш се роди Гринпис. Нејзините основачи оттогаш се борат за својата кауза, а понекогаш се борат и меѓу себе, пишува Independent.

Phyllis Cormack, стар риболовечки брод кој видел подобри денови, забавува додека се приближува кон предмет кој плови сред осамениот Пацифик, неколку стотици милји од брегот на Калифорнија. На бродот, екипажот сфаќа дека нашле мртво бебе кит, додека крвта го валка морето околу безживотното тело. Снимката од овој вознемирувачки настан можеби е стара 40 години, но сé уште е изненадувачки чиста и моќна. Некои од екипажот на Phyllis Cormack се доближуваат до китот со чамци на надувување. Еден од нив, долгокосиот Канаѓанец Боб Хантер, застанува меѓу руското пловило и јато китови. Одеднаш, руски харпун е насочен кон него. Камерите снимаат додека харпунот погодува еден од китовите. Хантер и останатите членови на екипажот се враќаат на бродот, а другите китови бегаат на безбедно.

Она што се случило тој ден е опишано како моментот кој го започнал современото движење на заштита на околината, бидејќи таа очајна група на хипици на стариот брод го создала Гринпис. Децениите подоцна ги обележаа распади, тужби и тешки прашања за улогата на Гринпис. Но, она што започнало како мала група на идеалисти со намера да го спојат мировното движење со заштитата на околината еволуираше во нешто монументално. Снимката од потенцијално самоубиственото соочување на Хантер со руската флота на китоловци е клучен момент во „How to Change the World“, трогателен нов документарец за раните денови на оваа хуманитарна организација, кој премиерно ќе се прикаже во Обединетото Кралство во петок.

Иако починал во 2005 година, Хантер е наратор во филмот снимен од режисерот Џери Ротвел.

„Американскиот сон се претвораше во планетарен кошмар. Затоа го закопав писмото од колеџот во кој ме примиле крај скалите на моето средно училиште и тргнав да го сменам светот“, напишал тој во своите мемоари кои служат како приказна за нарацијата.

Додека Хантер и неговите колеги активисти ја очекувале дозволата на Никсон за нуклеарна детонација во едно мало рибарско село во Алјаска, ја добиле идејата за нивната наредна кампања. Заедно со малиот тим на волонтери, Хантер ја создал Фондацијата Гринпис. Со оглед на тоа што порано работел како новинар, сфатил дека неговата медиумска позадина може да му помогне во промовирањето на фондацијата. Затоа, кога застанал меѓу руските китоловци и нивните жртви, на бродот имало камери.

Иако итри и медиумски изложени, активистите биле и доста наивни. Групата се вратила дома од патувањето со долг од 40.000 долари. Иако Хантер сакал да види како насекаде се отвораат канцеларии на Гринпис, некои во движењето сметале дека му треба подобра организациска структура. Како што вели ко-основачот Пол Спонг, „растеше многу, многу брзо, претежно поради харпунот насочен кон Боб Хантер. Беше толку драматично, што го привлече вниманието на луѓето. Одеднаш сите сакаа да се вклучат и да бидат дел од движењето. А брзината со која тоа се случуваше ги фати сите во небрано“.

Додека движењето еволуирало, имало караници и меѓу самите членови. Иако на почетокот ја почитувал одлуката на Пол Вотсон, Хантер го откажал неговиот план да упадне на годишното канадско колење на фоки, поради потенцијалот од негативен публицитет. Спонг вели дека проблемите се менувале во годините кои доаѓале. „Во минатото кога бев вмешан во борбата со китоловците, тоа беше од витално значење, и беше нешто за што бев длабоко загрижен. Ако зборуваме за размер, има други работи кои ултимативно се закануваат на иднината на нашата планета. Денес Гринпис е на фронтот, водејќи го тој напор на многу начини“.

Моментално, организацијата оперира со годишен буџет од околу 58 милиони со канцеларии во повеќе од 40 земји, координирани од централната канцеларија во Амстердам. Но, некои од раните основачи сметаат дека организацијата го загубила патот во 90-тите и раните 2000-ти.  Сега, според нив, е пофокусирана на лобирање и станала „мејнстрим“, вели Вотсон.