„Гринпис“: Електраните на јаглен трошат вода колку една милијарда луѓе

Електраните на јаглен користат доволно вода за снабдување на потребите на една милијарда луѓе и тоа речиси двојно повеќе ќе се зголеми ако сите планирани светски централи се вклучат. Речиси половина од новите електрани ќе се градат во области кои веќе имаат огромни проблеми со снабдување на вода, се вели во извештајот на Меѓународната организација „Гринпис“.

„Ние сега знаеме дека јагленот не само што го загадува нашето небо и придонесува во климатските промени, тој исто така, ни го одзема најскапоцениот ресурс – водата“, рече Хари Лами, активист на „Гринпис“.

Истражувањето, објавено по повод Светскиот ден на водата, го испитува користењето на водата на секоја од вкупно 8359 постоечки електрани на јаглен во светот, како и на предложените електрани кои би можеле да бидат идентификувани. Тоа ја спореди водата што се користи за производство на електрична енергија, како и онаа што се користи во рударството на јаглен.

Покрај ова, истражувањето покажало дека 44 отсто од постоечките електрани на јаглен и 45 отсто од планираните централи, се во области со проблеми во водоснабдувањето, каде искористувањето на водата веќе се смета дека има значително влијание врз екосистемите.

Една четвртина од предложените фабрики се планирани во региони каде веќе има дефицит на свежа вода, каде водата се користи побрзо од природното обновување, области кои „Гринпис“ ги стави на „црвена листа“. Оваа бројка е во голема мера предводена од Кина, каде најголем процент од јагленот се користи и речиси половина од предложените фабрики се во области кои се на „црвената листа“. Следни се Индија и Турција, секоја со 13 отсто од планираните електрани на јаглен да бидат поставени во вакви области.

Истражувањето ги потврди бројките објавени од Меѓународната агенција за енергија во 2012 година, кои укажуваат на тоа дека количината на вода употребена во производство на електрична енергија ќе се зголеми за 85 отсто, меѓу 2010 и 2035 година.

Агенцијата тогаш истакна дека голем дел од зголеменото користење на водата во иднина, иронично, ќе биде предводено од фабрики кои создаваат помалку јаглероден диоксид. Повеќето ефикасни технологии, всушност, ќе го зголемат проблемот, бидејќи тие генерално користат повеќе вода, велат од Агенцијата.

„Гринпис“ заклучи дека проширувањето на јагленот во области од „црвената листа“ мора да запре. Тие, исто така, побараа постечките фабрики да бидат отстранети и заменети со обновливи извори на енергија, како соларни панели и ветер. Воедно, побараа електраните на јаглен, постари од 40 години да се затворат, бидејќи тие често се најмалку ефикасни. Државата која најмногу би заштедила вода, ако го направи тоа е САД, покажува извештајот, зачувувајќи 74 отсто од водата што се користи од индустријата, или 76 милијарди кубни литри вода.

„Владите мора да признаат дека замената на јагленот со обновливи извори на енергија не само што ќе им помогне во спроведување на договорите за климата, но, исто така, овозможува огромна заштеда на вода“, рече Ирис Ченг, главен автор на извештајот.