Грета Тунберг: етичната брза мода е „еколошки спин“

Климатската активистка Грета Тунберг го искористи интервјуто во водечкото модно списание „Вог“ за да ги критикува брендовите за брза мода за еколошко спинување (greenwashing), пренесува „Гардијан“.

Тунберг се појавува на насловната страна на првото издание на „Вог Скандинавија“, а во интервјуто зборува за контрадикцијата помеѓу масовно произведената мода и одржливоста.

„Многумина прават да изгледа дека модната индустрија почнува да презема одговорност, најчесто преку трошење на милиони за кампањи, во кои модните брендови се портретираат себеси како „одржливи“, „етички“, „зелени“, „климатско неутрални“ и „фер“. Но ајде да бидеме на чисто – ова не е ништо друго освен „еколошки спин“. Не може еден бренд масовно да произведува облека и истовремено да биде одржлив, барем не во сегашниот систем. Токму поради тоа е потребна системска промена“, изјави таа.

„Модната индустрија е голем допринесувач на климатската и еколошка итност. Исто, да не го заборавиме влијанието врз безбројните работници и заедници кои се експлоатирани ширум светот, за дел од нас да уживаат во брзата мода која многумина ја третираат како заменлива“, продолжува Тунберг.

Грета во интервјуто споделуа дека последниот пат купила парче облека пред три години – и тоа било од втора рака.

„Едноставно, работите кои ми требаат ги позајмувам од луѓето што ги познавам“, истакнала таа.

Таа додала дека постои и неразбирање за однесувањето на активистите.

„Постои една стигма кон активистите, особено за климатските активисти. Се вели дека сме негативни и песимисти и цело време се жалиме за нешто, или пак дека сееме страв, но ние навистина го правиме спротивното. Ние сме гласни бидејќи сме надежни, а се надеваме дека ќе можеме да ги донесеме потребните промени“, додала Тумберг.

На насловната страница на „Вог Скандинавија“, Грета е прикажана во шума, додека гали коњ. Фотографијата е дело на Александров Клум.

Интервјуто со Грета Тунберг беше објавено откако во понеделникот излезе извештајот на ИПЦЦ, кој покажа дека затоплувањето од 1.5 степени Целсиусови може да се достигне и порано од очекуваното.