Грета Тунберг е личност на годината според „Тајм“ – признанието го посвети на сите млади активисти од #FridaysForFuture

Шеснаесетгодишната активистка од Шведска, Грета Тунберг, е прогласена за „Личност на годината” од американскиот магазин „Тајм”. Таа е воедно и најмладата личност на која магазинот досега го доделил ова признание.

 Таа е прогласена поради своето залагање во борбата против климатските промени. За една година таа го поттикна создавањето на глобалното движење „Петоци за иднината“ („Fridays for Future“), кога започна да штрајкува пред шведскиот парламент со веќе претпознатливиот знак на кој пишува „Училишен штрајк за климата”.

„Заради кревањето на алармот предизвикан од предаторскиот однос на човештвото со единствениот дом што го имаме, заради јасниот глас во фрагментираниот свет кој ги надминува границите и поделбите, заради тоа што ни покажа како новата генерација ја презема лидерската улога – Грета Тунберг е личност на годината за 2019 година”, објави денеска магазинот „Тајм“.

Тунберг денеска ја напушти Конференцијата за климатски промени во Мадрид, од каде ја изрази својата благодарност за признанието и го посвети на сите млади активисти кои се вклучиле во движењето.

„Навистина е многу неочекувано и затоа сум секако многу благодарна заради тоа, многу благодарна затоа што ова е огромна чест…но, како што кажав и претходно, јас не сум таа која треба да биде личност на годината, тоа треба да бидат сите инволвирани во движењето „Петоци за индината”, затоа што тоа што го направивме, ние го направивме заеднички”, рече таа.

Од август, минатата година, па до денес, младата шведска активистка имаше неколку моќни говори преку кои побара од властите во светот итна акција за справување со климатските промени.

Екосистемот се распаѓа, а вие зборувате само за пари! – прочитајте го целиот говор на Грета Тунберг на Самитот на ОН