Грета Тунберг до лидерите на ЕУ: Заборавете го „Брегзит“ и фокусирајте се на климатските промени

Тинејџерката Грета Тунберг, активистка против климатските промени, ги искритикува лидерите на Европската Унија поради тоа што организирале три вонредни самити за „Брегзит“, a ниту еден за заканата од климатските промени.

Во нејзиното обраќање во Европскиот Парламент, Тунберг, која ги отпочна училишните протести за климата, порача дека доколку европските политичари се сериозни за справување со опасностите од климатските промени немало целото свое време да го трошат на дискусии околу даноците и „Брегзит“.

„Нашата куќа се распаѓа, а нашите лидери треба да почнат да се однесуваат соодветно бидејќи во моментов не го прават тоа. Доколку се распаѓа нашата куќа вие не би држеле три вонредни самити за Брегзит, а ниту еден самит за распаѓањето на климата и животната средина“, рекла Тунберг, чиј говор од 10 минути бил постојано прекинуван со аплаузи, а завршил со 30-секунди стоечки овации.

„Нивото на изумирање е шест пати побрзо од она што е нормално, повеќе од 200 видови исчезнуваат секој ден. Ерозијата на плодна почва, уништување на дождовните шуми, токсичното аерозагадување, загубата на инсекти и диви животни и загадување на нашите океани – сите овие трендови се катастрофални“, додала младата активистка.

Тунберг се осврнала и на пожарот кој изби во Нотр Дам во Париз, повикувајќи дека за справување со климатските промени е потребно „катедрално размислување“.

„Сè уште не е доцна да се дејствува. Ќе биде потребна далековида визија, ќе биде потребна храброст, ќе биде потребна жестока одлучност да се дејствува сега, да се постават темели, иако можеби не ги знаеме сите детали околу тоа како ќе го обликуваме кровот. Со други зборови ќе ни треба катедрално размислување. Ве замолувам да се разбудите и да ги направите потребните промени“, изјавила Тунберг.