Грета Тунберг до американскиот Конгрес: Извинете, но не правите доволно!

16-годишната Грета Тунберг беше дел од групата на млади активисти присутни на разговорите за климатската криза во американскиот Сенат.

Целта на разговорите била конгресмените да побараат совети од тинејџерите за тоа како да се справат со едно од најитните и најзаканувачките проблеми со кои се соочува човештвото – климатските промени.

Тунберг, која стана најпрепознатливиот лик на училишните штрајкови кои се случуваат секоја недела низ целиот свет, ги потсети американските законодавци дека таа е само ученик, а не научник, или пак сенатор.

„Ве молам да си ги зачувате вашите пофалби. Не ни требаат. Не нè поканувајте овде за да ни кажете колку сме биле инспиративни без ништо да правите околу тоа, бидејќи тоа не води никаде. Доколку сакате совет за тоа што треба да правите, повикајте научници, поканете научници за нивната експертиза. Ние не сакаме да бидеме слушнати. Сакаме да биде слушната науката“, рекла Тунберг.

Во нејзиното обраќање до конгресот таа изјавила и дека „Знам дека се обидувате, но тоа не е доволно. Извинете“.

Заедно со тинејџерите, на разговорите беа некои од најгласните поддржувачи на одлучна акција против климатската промена во Конгресот. Но, нивните заклучоци биле дека со Сенат, кој го контролира Републиканската партија и со непријателски настроената Бела Куќа, надежите за поголеми реформи на кои повикуваат научниците и активистите не се добри.

„Ни треба вашето лидерство. Младите луѓе се политичка армија. Вие ставате светлост на ова прашање на начин на кој не бил виден никогаш досега и тоа прави нов икс фактор“, рекол сенаторот Ед Марки од Масачусетс.

Тунберг пристигна во САД преминувајќи го Атлантскиот Океан на јахта на соларен погон. Таа стана светски позната како промотор на акцијата „Петоци за промена“ која се прошири на 135 земји во светот. Младата активистка е номинирана за Нобеловата награда за мир.