Гренланд забранува алкохол поради страв од насилство врз децата

Гренланд ја забрани конзумацијата на алкохол во главниот град Нук, но и во околните населби, во обид да го намали насилството врз децата во време кога луѓето мора да остнат дома како би се прекинало ширењето на коронавирусот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Целокупната продажба на алкохол е забранета, а одлуката стапува на сила веднаш, и трае се до 15 април, објави владата. Објаснувајќи го ваквиот потег, премиерката Ким Килсен рече дека кризата околу ширењето на вирусот бара најразлични мерки.

„Но, суштината на мојата одлука е заштита на децата. Тие мора да имаат сигурен дом“, рече Килсен.

Гренланд бележи висока стапка на сексуално насилство врз малолетници, а некои студии покажуваат дека третина од возрасните искусиле такво нешто за време на детството. Сексуалното насилство врз малолетници, многумина го поврзуваат помеѓу останатото, и со алкохол и дрога.

„Под влијание на алкохолот луѓето се невнимателни, што придонесува за ширење на коронавирусот“, појасни Килсен.

На Гренланд со коронавирусот се заразени десет луѓе. На островот на кој живеат околу 55 илјади луѓе, една третина е во главниот град.