Грција со 800 евра им помага на работниците во фирмите кои не работат поради пандемијата

Државна надомест од 800 евра ќе добијат 500.000 вработени во компаниите што ја прекинаа работата од 15 март до крајот на април врз основа на одлуките на грчката влада за санитарни мерки поради пандемијата. Иста сума ќе добијат и самовработените и трговците поединци, како и оние кои работат во мали семејни бизниси, пренесува „Н1“.

Министерот за финансии Христос Стаикурас најави дека сумата ќе биде исплатена на сметките на корисниците на почетокот на април, а буџетскиот расход како резултат на тоа ќе достигне 400 милиони евра.

Владата посочи дека во кризата некои компании реагираат со масовни отпуштања од работа. Министерот за труд Јанис Вруцис рече дека „сликата на пазарот на трудот е разочарувачка до трагична“, а премиерот Киријакос Мицотакис предупреди дека е неоправдано да ги отпуштаат вработените и се смета за злоупотреба.

Исто така, владата укажа дека сите мерки за поддршка на работењето во време на кризата поради коронавирусот се „нераскинливо поврзани со задржување на работните места“ и предупреди дека компаниите кои отпуштаат работници нема да можат да ги користат мерките за поддршка. Таквото отпуштање на работниците ќе се смета како правно неважечко.

Покрај надоместокот од 800 евра, за компаниите кои се затворени, со одлука на владата е прогласена суспензија на даночните обврски за вработени за март. Грчката влада во потполност презеде контрола врз уплаќањето придонеси на платите за сите вработени, за здравствено и социјално осигурување и здравствена заштита.

Редовната исплата на бенефициите за невработените, чие право истекува на 31 март, е продолжена за два месеци. Закупнината за становите во кои живеат вработените во компаниите кои престанале со работа е намалена на 60% за март и април.

Министерството за финансии на Грција најави дека ДДВ-то на производите за заштита од коронавирусот и за спречување на пренесувањето на вирусот е намалено од 24% на 6%, а тука спаѓаат маските, ракавиците, антисептички раствори, марамици, сапун и останати препарати за лична хигиена.