Грчката полиција почна да ги преместува луѓето од бегалскиот камп кај Идомени

Грчата полиција започна да го расчистува миграцискиот камп кај Идомени на границата со Македонија во кој се сместени околу 8400 мигранти и бегалци, пишува АФП. Евакуацијата засега тече бавно и мирно, изјави Јоргос Кирицис, портпарол Службата за координација на мигрантската криза.

Се очекува дека евакуацијата ќе трае најмалку десет дена, а најголем дел од луѓето ќе бидат преместени во кампови околу Солун. Натрупувањето на мигранти на грчко-македонската граница се случи по договорот ЕУ-Турција од 18 март, кога беше затворена границата со Македонија за влез на бегалци, а Анкара се согласи да ги прифати назад сите илегални мигранти на територијата на Грција. 

Голем број од бегалците во повеќе наврати се обидуваа  на сила да ја преминат македонско-грчката граница. Во изминатите две недели 2,5 илјади лица го напуштиле кампот, откако локалните  жителите вршат притисок  да ги исселат. Иако живеат во мизерни услови, повеќето бегалци одбиваа да го напуштат кампот во надеж дека ќе го продолжат своето патување до некоја од развиените западноевропски држави.