Грчката полиција неоправдано нападнала собир на 30.000 луѓе во Атина

Грчката полиција неоправдано нападнала собир од 30.000 луѓе во Атина кои пред судот ја дочекаа и поздравија пресудата против функционерите на неонацистичката партија „Златна зора“, пишува атинскиот весник „Ефимерида тон синтактон“, а пренесува српски „Данас“.

Поранешните пратеници на „Златна зора“ во средата беа осудени како членови на криминална организација поради систематско насилство врз странци, малцинства и неистомисленици и за групно убиство на еден левичар.

Фактот дека масовниот собир на граѓанската левица, од едниот до другиот крај на еден од најголемите булевари во Атина е нападнат без причина, атинскиот весник го темели врз основа на немонтирани снимки на две камери од наградуваниот грчки документарист Јоргос Авгеропулос.

Министерот за внатрешни работи Михалис Хрисохоидис од владејачката конзервативна партија „Нова демократија“, тврди дека полицијата интервенирала против десетици илјади луѓе, откако „600 луѓе ја нападнале полицијата фрлајќи 150 молотови коктели“.

Сепак, на видеото се гледа нешто друго, дека нема „напад“, туку дека од многу густа и мирна маса на луѓе кои одобрувачки извикуваат за пресудата, во воздух се фрлени неколку пластични шишиња со вода и пластични чаши од кафе. Полицијата за разбивање толпи на тоа одговара со солзавец и водени топови, предизвикувајќи хаос.

„На историскиот ден на прославата на демократијата, раководството на Министерството за цивилна заштита (внатрешни работи) се обиде да ја оцрни антифашистичката победа“, пишува атинскиот весник.

„Дејствувајќи организирано и однапред испланирано, тие го растурија величенствениот собир пред Апелациониот суд, неколку скеунди по пресудата против ‘Златна зора’“, се констатира во написот.