Грчка телевизија ги тргна турските серии од својот канал поради претворањето на Аја Софија во џамија

Грчката телевизија Антена- АНТ1 реши да го запре емитувањето турски серии во знак на протест поради одлуката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за претворање на Аја Софија во џамија.

Овој потег на Турција доведе до откажување на емитувањето на турска серија која требало секојдневно да се прикажува на АНТ1, според изјавата на главниот директор за содржини на каналот, Џорџ Пофантис, без да прецизира за името на серијата.

Тој исто така потенцираше дека во креирањето на новиот распоред на емисии за летната сезона, имало размислувања за прикажување на серија од соседната земја во текот на летото, меѓутоа, по она што се случи во Аја Софија, тие се предомислиле и одлучиле „да ја скратат“.

За изминатите петнаесет години, 55 различни турски серии го ставија турскиот јазик во скоро секој грчки дом, со безброј часови за проекции кои покажуваат идеални слики на фантастична европска Турција што изгледа како вистински рај, рече Леонидас Кумакис од Меѓународната грчка асоцијација, објави Greek City Times. Од 55 турски серии, 18 се емитувани на телевизијата АНТ1.

Минатиот петок во Аја Софија беше одржана и првата молитва во џамијата на која учествуваа претседателот Ердоган и неговите најблиски соработници, поради што сите христијанските симболи во објектот беа прекриени со завеси.

Ердоган претходно со декрет побара Аја Софија да стане џамија, поради што Државниот совет ја поништи одлуката донесена 1934 година со која објектот беше претворен во музеј.