Грантови до 10.000 долари за домаќинства од Лисиче за да придонесат за намалување на аерозагадувањето

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), објави повик за избор на домаќинства во населба Лисиче кои ќе бидат поддржани со грант во висина до 10.000 американски долари, во денарска противвредност, со цел да воведат мерки за зголемување на енергетска ефикасност на своите домови и на таков начин да се придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот.

„Мерењата на загаденост на воздухот покажуваат дека Населбата Лисиче во Скопје е меѓу најкритичните во Скопската котлина. Имајќи ги предвид местоположбата и карактеристиките на Населбата Лисиче – индивидуални објекти за домување, близната на станицата за мониторинг на квалитет на воздух на МЖСПП, растојанието од индустриските капацитети, доминантниот начин на загревање на домовите со огревно дрво и сл. – оваа зона е предложена од експертите како тест област во која треба да се спроведат мерки за зголемување на енергетската ефикасност на домовите, како еден од начините да се намали емисијата на штетни честички во воздухот“, стои во повикот.

На повикот, кој е отворен до 15 септември, може да може да се јават сите физички лица со постојано место на живеење во Лициче (областа означена на мапата) или во нејзина непосредна близина, кои поседуваат индивидуален објект за домување – куќа или дел од куќа, за кој постои доказ дека е во сопственост на апликантот.

„Проектот поддржува спроведување на енергетско-ефикасни мерки во најмалку 100 домаќинства. Изборот на домаќинствата ќе се направи според веќе дефинирани критериуми. Во домаќинствата избрани на повикот ќе се спроведе енергетска контрола  со цел да се направи проценка на енергетската ефикасност на објектот и да се предложат конкретни мерки за заштеда на енергија како и пресметка за трошоците за нивно спроведување. Извештајот од енергетската контрола ќе биде презентиран на секое домаќинство со цел да се усогласи/одобри начинот на кој ќе се направат предлог-интервенциите“, се вели во повикот.

Главен предуслов за обезбедување на поддршката е домаќинствата да бидат подготвени да кофинансираат дел од предвидените интервенции.

Исклучок од ова правило се домаќинства кои припаѓаат во ГРУПА 1, односно домаќинства со низок доход т.е. домаќинства кои користат право на гарантирана минимална помош, право на детски додаток, право на додаток за образование или право на социјална сигурност за стари лица, како и домаќинства кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето износ не поголем од 180.000 денари.

Повеќе информации и документи за пријава – ТУКА.

Инаку, финансиската поддршка за воведување на овие мерки е обезбедена од Владата на Шведска преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје.