Граѓанско учество во преговорите: Зошто партиите имаат ексклузивитет во застапувањето на граѓаните?

Откако 87 граѓански организации вчера побараа директно учество во преговорите за излез од кризата и за демократизација на Македонија, Слободна Македонија разговараше со Ана Чупеска, политиколог.

Што подразбирате под директно учество на граѓанското општество во преговорите за излез од кризата?

Наједноставно кажано, директното учество на граѓанското општество во преговорите подразбира три главни активности. Прво, преку непосредно присуство да се мониторира и да се контролира процесот на преговарањето помеѓу партиите. Но, исто така подразбира и непосредно учество во периодот по завршувањето на преговорите – бидејќи целиот процес на решавањето на кризата не може да се сведе само на преговорите туку вкучува и пост-преговарачки период. Значи граѓанското општество ќе се бори не само за контрола туку и за реализација на договореното, т.е. ќе се бори за реализација на реформите поврзани со демократизацијата на земјата.

Второ, граѓанското општество ќе настојува да го овозможи она што суштински недостасува во процесот на преговарањето, а тоа е транспарентностa. Ова од причина што граѓаните мора да бидат вистински информирани за тоа што точно се договораат партиите. Ние мора да знаеме уште нешто – како тие планираат да го реализираат она што ќе го договорат. До сега не покажаа резулати кои нè задоволуваат. Многу пати бевме разочарани. Со други зборови, граѓаните нема да бидат пост – фестум информирани и ќе знаат секогаш како им се крои судбината.

Трето, во таквиот формат, граѓанското општество ќе придонесе и со конкретни експертизи и анализи кон прашањата кои се или ќе бидат предмет на преговорите. Во тој правец, исто така, ќе се врши притисок врз преговарачите да ги прифатат најдобрите можни стручни решенија по однос на реформските приоритети.

Дали би прифатиле учество во преговорите и на оние граѓански организации, движења, групи кои ги поддржуваат владејачките партии?

Граѓанското општество е составено од безброј различни организации, групации, индивидуи итн, но, за сите нив заедничка е вредноста на либералната демократија. Самиот поим впрочем “граѓанско/цивилно општество” е поим директно поврзан со либералната демократија! Значи, сите кои ги подржуваат овие вредности се веќе дел од граѓанското општество. Но, секој оној кој заговара фашизам, говор на омраза, гумени куршуми и укинување на невладините организации, суштински се залага против демократијата. А, бидејќи целта на преговорите и на решавањето на кризата е конечна демократска консолидација, не гледам причина за учество на ваквите антидемократски сили во процесот на преговорите. Напротив.

Како би влијаело седнувањето на преговарачката маса на протестното движење “Шарена револуција”?

Се чини дека е крајно време ова да случи. Колку пати до сега беа изневерени очекувањата на граѓаните? Граѓанското општество не може повеќе да се третира како демократски декор, бидејќи е фактор. Да беше инклузивен процесот, како што се бараше уште од почетокот, сигурно немаше да дојде до тоа датумите, наместо реформите, да бидат сопнувачки камен во решавањато на кризата. Погледнете, ве молам, колкава посветеност и истрајност имаат граѓаните/шарените/протестирам. Мислам дека со трпението на луѓето што секојдневно протестираат не смее никој да си подигрува. Во суштина, ние сите не само што имаме право, туку имаме и должност да седнеме на таа маса каде се крои нашата судбина. Шарената револуција и движењето #Протестирам и покрај тоа што не се политичка партија имаат свој препознатив и автентичен политички субјективитет – кој мора да биде видлив на преговорите и да помогне во решавањето на кризата. Од каде им право на партиите, само тие да имаат ексклузивитет во застапувањето на граѓаните. Тоа треба веднаш да се смени.

Дали сметате дека треба да се обезбеди учество и на помалите партии, кои досега беа исклучени од преговорите?

Нив треба да ги прашате во врска со желбата за учество. Она што е најважно во моментов е граѓаните да имамаат целосна контрола на процесот за решавањето на кризата и тоа да стане видливо.

Како граѓанското учество може да помогне за излез од кризата и за демократизација на Македонија?

Како што посочив на почетокот, ќе помогне, и тоа многу. Прво, преку непосредно присуство на преговорите ќе врши мониторинг и контрола на она што се договараат партиите. Второ, ќе гарантира транспаретност на процесот. Значи, преку присуството на преговорите оригиналните ставови на граѓаните ќе бидат вистински пренесени. Истовремено, граѓанското општество ќе послужи и како комуникациски канал помеѓу преговарачите и граѓаните. Граѓаните ќе знаат што точно е договорено и за што ќе се преговара. На крајот, граѓанското општество ќе ги даде целосно на располагање сите свои експерстски и стручни ресурси за да помогне со конретни предлог решенија во поглед на реформиските приоритети. И не само тоа, во пост-преговарачкиот период ќе врши контрола за тоа колку од договореното е спроведено во реалноста.