Граѓанските организации бараат итна акција за повторно прогласување и заштита на Националниот парк Маврово

Над 15 граѓански организации и иницијативи заедно поднесоа формална претставка до Владата, барајќи итна акција за репрогласување и заштита на Националниот парк Маврово во согласност со законските одредби. Претставката, упатена до премиерот Христијан Мицкоски, истакнува значителни прекршувања на Законот за заштита на природата што како резултат го загрозуваат еколошкиот интегритет и одржливиот развој на паркот.

Здружените организациите изразуваат длабока загриженост поради, како што велат, долготрајниот процес на трансформирање на Националниот парк Маврово според постојното законодавство и меѓународните стандарди.

„Сегашната состојба ја поткопува заштитата на ова критично подрачје и ја попречува поддршката на локалните заедници во остварувањето на одржлив економски развој“, посочуваат организациите.

Претставката, меѓу другото, наведува неколку клучни прашања, меѓу кои дека Законот за репрогласување на НП Маврово не е донесен. Понатаму, еко-активистите посочуваат дека не е донесен План за управување со НП Маврово, а притоа пријавени се бројни неправилности и нелегални активности во паркот, но не се санкционирани.

„Приближно 80% од финансирањето на Јавната установа Национален парк Маврово доаѓа од сеча, неодржлива практика спротивна на намената на заштитеното подрачје. Забележан е пад на популациите на заштитените животински видови во паркот“, стојат како клучни забелешки на организациите.

Фото: Еко-свест

Според нив, потенцијалните донатори се подготвени да го финансираат работењето на паркот и мерките за зачувување по усвојувањето на План за управување.

„Отсуството на таков план спречува финансиска поддршка и одржливо управување со ресурсите, загрозувајќи го еден од најстарите паркови во Европа“, потенцираат организациите.

Во претставката, исто така, се наведува дека Комитетот на Бернската конвенција постојано препорачува итно репрогласување на Националниот парк Маврово, а непочитувањето на овие препораки претставува кршење на меѓународното право.

Оттука, организациите ја повикуваат Владата да преземе итни чекори за исполнување на одредбите од Законот за заштита на природата, вклучително и објавување на нацрт-законот за повторно прогласување на Националниот парк Маврово, организирање јавна расправа за Законот и негово усвојување.

Архивско фото

Претставката засега е поддржана од: Центар за истражување и информации за животната средина Еко-свест, Македонско еколошко друштво (МЕД), Новинари за човекови права, Здружение за важноста на еколошкото образование во модернизацијата на образовниот процес ЗЕОООП, Здружение за заштита и подобрување на животната средина Еко Логик, Рурална коалиција, Здружение за зелено општество – позелено, Центар за еколошки ресурси (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Герила – Тетово, Здружение на граѓани Ековита Неготино, Здружение за заштита на животната средина, културни, историски знаменитости и здравје на луѓето ИЗВОР Кратово, НВО Ергос, Граѓанска иницијатива Охрид СОС, Македонско здружение на млади правници, Центар за климатски промени, Здружение за застапување, имплементација и поддршка на решенија што подобро ќе ги поврзат луѓето со природата НАТУРА МК Скопје, Истражувачко друштво Урсус спелеос Скопје, „Гоу Грин“- Скопје- Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина.