Граѓанските иницијативи почнаа да собираат потписи за формирање партии

Откако партиите од власта и опозицијата здружено им го отежнаа и оневозможија патот за да настапуваат на изборите како независни кандидати, граѓанските иницијативи сега почнаа да собираат потписи за формирање партии. За тоа им се потребни 1.000 потписи од цела територија на Македонија.  

Заедничка партија, како ко-основачи, ќе формираат граѓанските иницијативи Шанса за Центар, Независни за Карпош и Зелените од Гази Баба. Партијата ќе се вика „Независни заедно“ и како што велат, ова е единствен начин да учествуваат на изборите и гласот на граѓаните да биде слушнат во општините.

„Независни заедно е граѓанска платформа која ги обединува граѓаните од различни општини, кои не чекаат промени, туку сами ги прават и се борат за нив. И ова е само почеток – отворени сме за сите независни групи, еко-активисти, иницијативи од локалните заедници и граѓани кои сакаат чесна, одговорна и транспарентна политика, одоздола нагоре. Функционираме по принцип на соработка, секој со своето децентрализирано, самостојно јадро“, посочуваат од таму.

Велат, ова не е партија како останатите партии – ова е платформа за соработка, за слушање на гласот на граѓаните, за решенија што доаѓаат од нив самите.

„Ова е простор за слободни, чесни, одговорни и храбри граѓани! Граѓаните најдобро знаат кои се проблемите и предизвиците во општините во коишто живеат, па затоа промената секогаш мора да дојде од нив“, соопштуваат здружените иницијативи од Независни заедно.

Своја партија прави и иницијативата Зелен Хуман Град, која реши да оди на избори самостојно – под истото име „Зелен Хуман Град“.

Од таму нагласуваат дека роковите се кратки, а принудени се да формираат партија и да соберат потписи според строги законски правила за да имаат право да се кандидираат на избори и да продолжат да се борат.

„За воздух, за зеленило, за јавен интерес. За Скопје, какво што заслужуваме! Зелен Хуман Град ја формира првата партија во Македонија која во срцето на својата политичка агенда ги позиционира социјалната правда, заштитата на животните и животната средина. ЗХГ е воедно и првата партија во историјата на Македонија што ја основаат долгогодишни волонтери, а не спонзори. Ја основаат луѓе што со години во континуитет ги вложуваат своето знаење, време, енергија, како и финансии, за да создадат здраво и функционално општество за сите – и за луѓето и за животните“, соопштуваат од ЗХГ.

Иако се принудени да ја основаат партијата само за да имаат право да се кандидираат на избори, сепак, велат дека нивното делување останува идентично како и до сега – хоризонтално, со директна демократија и активизам, отворено за секој што ги дели нивните вредности.

Бојан Шашевски