Граѓанскиот сектор се спои во Коалиција за клима за поамбициозни климатски политики

Се формира коалиција за клима од граѓански организации кои работат на едукација и информирање за овие теми со цел зголемување на учеството на граѓаните во носењето на одлуки и мониторирање на спроведувањето на истите.

Климатските промени се вистински предизвик за сите влади и носители на одлуки, но притисок од јавноста е многу потребен со цел носење на поамбициозни климатски политики како и обезбедување на финансии за спроведување на истите, сметаат од „Еко свест“.

„Започнуваме една убава приказна наречена граѓанска Коалиција за клима која се надеваме дека ќе расте и ќе ги опфати сите сектори во земјата, бидејќи климатските промени се интерсекторско прашање кое навлегува во сите сфери на општеството. Ваквата коалиција ни е повеќе од потребна сега кога опоравувањето од КОВИД-19 кризата треба да значи зелен развој и раст на „еколошка“ економија, односно индустрија која нема да загадува и да прави штета. Заштита на здравјето и добросостојбата на граѓаните треба да биде приоритет и токму затоа одбравме на Светскиот ден за борба со опустинувањето и сушата да информираме за коалиција“- рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест

Коалицијата за клима засега ја сочинуваат 11 членови- граѓански организации кои заедно работеа на стратешките документи на оваа коалиција и кои имаат работеле на теми поврзани со климатските промени.

„Мисијата на Коалицијата е локална синхронизирана акција и силно општествено влијание и трансформација преку градење климатска култура. Целта се остварува преку грижа и почит кон локалните природни вредности, солидарност кон други иницијативи (локални и глобални), климатска акција и одговорност кон планетата. Визијата на Коалицијата е обезбедување на квалитетен животен стандард на луѓето во благосостојба со животната средина, систем базиран на стандарди и безбеден за климата (Нискојаглеродна трансформација) и подигнување на климатската култура што ќе ја издигне Македонија како пример за регионот“ образложи Кристина Бужароска од фондацијата ЦНВП, еден од основачите на новата Коалиција.

На ова се надоврзува и Елена Николовска од „Еко-свест“, според која потребно е да се зголеми знаењето за климатските промени, пред сè на граѓанскиот сектор, засегнат од овие теми на локално ниво за да може да учествува во носењето одлуки.

„Од голема важност е граѓаните да учествуваат во одлуките за инвестиции во насока на праведната транзиција која ќе осигура дека никој нема да остане без работно место и дека целиот систем и општество ќе прераснат во еколошки. Локалните членки се оние кои ќе обезбедат учество на локалното население во овие процеси“, вели Николовска.

Со формирање на Коалицијата, се одбележа Светскиот ден за борба со опустинување и суша. Како што велат нејзините основачи, таа е отворена и за други членови кои сметаат дека можат да придонесат во еколошката транформација на државата.