Граѓанскиот сектор бара поголема вклученост во контрола врз комуникациите

Вклученоста на невладините организации и на Народниот правобранител е недоволна и тие се без прецизни овластувања во предложените законски измени за контролата на полицијата и агенциите за разузнавање, констатираа денеска невладините организации кои дебатираа за предложените реформи на МВР и воспоставувањето на Граѓанскиот совет за контрола. За разлика од нив МВР смета дека предложените измени се во ред и дека сите вклучени страни ќе имаат контрола.

Зоран Билбиловски од канцеларијата на Народниот правобранител рече дека е недоволно решението во предложениот закон за контрола врз полицијата и агенциите за безбедност каде се вели дека Народниот правобранител од аспект на човековите права може да презема дејствија. Според него, тоа не е решение доколку не се даде обврска на институциите како што е Собранието да соработуваат со Омбудсманот.

Снежана Арсовска од МВР истакна дека по сугаестија на меѓународните експерти, во предложениот закон за реформи во системот за прислушување и контрола на полицијата и агенциите се прави разлика што е надзор, а што е контрола.

„Има утврдено кој во државата врши надзор, а кој врши контрола и се прави разлика. Надзор врши Собранието на РМ преку Комисија, Советот за граѓански надзор, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Народниот правобранител“, појасни Арсовска.

Според неа, има повеќе можности за контрола како што е наметнување обврска најмалку еднаш на три месеци да се врши контрола од страна на собраниската комисија во новата Агенција ОТА и кај операторите.

Профресорорт Гордан Калајџиев ја коментираше зачуденоста во МВР при изработката на законот како граѓанскиот сектор ќе вршел контрола и дека со тоа ќе се нарушела тајноста на задачата на полицијата, при што тоа го објасни како пристап на недоверба или на намерно скицирање на дисфункционален модел. Тој имаше забелешка и во делот на ингеренциите на судиите и Јавниот обвинител кои треба да дадат дозвола за да се прислушува некое лице бидејќи, како што рече, тие не се разбираат во таа безбедносна сфера и кога ќе имаат барање од УБК за некоја терористичка акција, ќе бидат во тешка ситуација да одбијат да определат мерки. Тоа се деликатни случаи и бараат повеќе внимание, нагласи Калајџиев.

МИА