Граѓанскиот пленум ги објави своите начела и приоритети

Иницијативата Граѓански пленум на Македонија, по сугестиите и забелешките кои ги добил од членството, ги објави мисијата, основните начела и приоритетите околу кои би се обединиле членовите на оваа иницијатива.

Граѓанскиот пленум се залага:

– За слободно општество, еднаквост и почитување на човековите и граѓанските права и слободи – на сите граѓани подеднакво;

– За посилни и реални механизми на директна демократија и непосредно изјаснување, нивно активно ползување, за вистинско почитување и спроведување на суверенитетот на граѓаните;

– За градење на нов систем на вредности, општествена одговорност, и култура на општествено однесување, за директно учество на засегнатите граѓани и општествени групи во сите важни процеси и состојби што ги засегаат индивидуално или групно, во секоја општествена област;

– За солидарност и активна соработка помеѓу граѓаните, без оглед на припадноста, форматот и начинот на организирање и дејствување, со цел на остварување на нивните права, интереси и потреби;

– За функционален правен систем, кој ќе ги заштитува граѓаните и нивните права; За независни, непартиски, стручни државни институции и администрација, кои ќе работат со интегритет, во согласност со правните норми, и ќе бидат во вистинска служба на граѓаните; За вистинска поделба на власта, и зајакнување на независните и граѓанските механизми за нејзина контрола;

– За строга контрола на оружјето и овластената употреба на сила, и воспоставување на независни механизми со силни надлежности за независна граѓанска контрола врз институциите овластени за контрола на оружјето и употреба на механизмите и средствата на присилба – МВР, АРМ, судската и затворските редарски служби, агенциите за обезбедување;

– За намалување на социјалната раслоеност, за социјална правда, работа и работнички права, и подобар стандард на живеење за сите граѓани;

– За функционален и бесплатен образовен и здравствен систем, кој ќе ги задоволува потребите на граѓаните и општеството;

– За силни граѓански и институционални механизми за здрава животна средина, и оневозможување и казнување на секакви дејствија кои го загрозуваат животот, здравјето и животната средина на сите граѓани;

– За општество ослободено од силните влијанија на центрите на моќ, за јавност ослободена од лаги, дезинформации, страв, омраза и насилство, од национализам, фашизам и други штетни идеологии, догми и учења кои ги делат луѓето, а за почитување и ползување на различностите и поттикнување на аргументирана јавна дебата која ќе произведе конструктивни решенија за иднината на земјата и нејзините граѓани;