Граѓанскиот инспекциски совет со забелешки за предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина

Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) денеска на прес-конференција соопшти дека утврдил низа забелешки на предлог-законот за инспекциски надозр во животната средина, кој го објави ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а истовремено бараат и Советот да биде вклучен во работна група за доработка на тоа законско решение.

Тие истакнаа дека предлог-законот не ги дефинира јасно надлежностите на државните и овластените инспектори и начинот на меѓусебна координација, дека тој не нуди механизми за контрола против неажурно, неодговорно и коруптивно спроведување на инспекцискиот надзор и дека не предвидува начини за технолошки развој и доопремување на инспекторатите.

„Според предложеното законско решение, инспекторите се претвораат во бирократи кои треба да водат политики и да пишуваат стратегии и програми, наместо да бидат борци против загадувањето на животната средина. Му фалат реални алатки, за Државниот инспекторат за животна средина да не биде бирократска, туку добро обучена и опремена институција“, рече Лилјана Поповска, координаторка на Граѓанскиот инспекциски совет.

Поповска исто така додаде предлог-законот не обезбедува учество на јавноста во следењето на работата на инспекциските служби, па оттука, таа предложи Советот да биде вграден и формално како структура, како еден активен граѓански контролен механизам врз работењето на Инспекторатот.

Истовремено, таа посочи дека тие бараат и да се обезбеди задолжителна информатичка платформа за транспарентност на процесот од пријавувањето на загадувањето, преку спроведувањето на инспекцискиот надзор, па се до изрекувањето на мерките.

Од Советот посочија дека предлог-законот при инспекциски надзор не ги предвидува стандардните оперативни процедури и листи за проверка како задолжителни, што, според нив, може да предизвика необјективност од инспекторите, но и правна несигурност кај субјектите врз кои се врши надзорот.

„Предложените законски одредби со кои се утврдуваат формата и содржината на обрасците и актите се во директна колизија со Законот за инспекциски надзор, што може да доведе до постоење на паралелни системи за координација и стратешко планирање, како и до судир на надлежностите помеѓу Државниот инспекторат за животна средина и Инспекцискиот совет за инспекција во сите области“, вели Кирил Ристовски од ЦЕД Флорозон, кој смета и дека предлог-законот не ja препознава доволно нужноста од меѓуинституционална соработка во спроведувањето на инспекцискиот надзор.

Експертот по управно право Жарко Хаџи Зафиров пак, вели дека предлог-законот создава конфузија што всушност се сака да се уреди со него.

„Со разграничувањето на надлежностите, структурата и работата на Државниот инспекторат за животна средина ќе добиеме квалитетно законско решение затоа што многу е тешко да се обединат надлежностите во однос на спроведувањето на инспекцијата во животната средина на државно и локално ниво. Политичката цел на овој закон е да се приближат овие надлежности и да се има кохезија помеѓу државното и локалното ниво, но, од друга страна, треба да се искристализираат работите и да се усогласат со сите останати закони кои што ја регулираат институционалната поставеност на органите на централно и на локално ниво“, рече Хаџи Зафиров.

Како што посочуваат од Советот, во предлог-законот е нејасно и како МЖСПП проценило дека донесувањето на законот нема финансиски и буџетски импликации, особено ако се има предвид дека, како што додаваат, предложениот закон предвидува обврска за вработување на најмалку еден овластен инспектор за животна средина во општините.