Граѓански здруженија против жртвувањето животни на празникот Курбан Бајрам

Здруженијата за заштита на животните „ЕДЕН“ и „Анима Мунди“ апелираат оваа година да престане жртвувањето на илјадници животни по повод најголемиот муслимански празник Курбан Бајрам.

„Време е религијата да еволуира. Да се тргнеме од застарени пагански практики кои немаат место во современиот свет. Нашиот свет денес е соочен со војна, глад и со сериозните последици од климатските промени- поплави, суши, катастрофални земјотреси. Да си помогнеме и да бидеме луѓе- не сериски убијци. Нашите деца сведочат премногу насилство, да им покажеме мир и сочувство“, велат до „ЕДЕН“.

Од организацијата го посочија примерот со индискиот фестивал Гадимаи во Непал со традиција од 265 години – жртвување на повеќе од 500 илјади животни, а кој оваа година донесе одлука да го запре крвопролевањето.

„Доста беше убивање во името на убедувањето и боговите. Религијата може и треба да еволуира, ама тоа подразбира и освестување и еволуција на чувекот. Треба ли да ни се случи катастрофа како разорниот земјотрес во Непал за сите заедно- човек и животни да трчаме за спас за сопствениот живот. За да научиме дека исто страдаме, исто чувствуваме болка, исто се обидуваме да си ги заштитиме најмилите и исто умираме!? Ве молиме овој Курбан Бајрам да го запрете крвопролевањето! НЕ за Курбан на Бајрам“, апелираа од „ЕДЕН“.

Реагираат и од „Анима Мунди“, замолувајќи оваа година да се изостави традицијата, која според експерти, посочуваат дека не постои во Куранот.

„Драги пријатели Муслимани, помислете за миг на страдањето, стравот на животните, помислете дали вашата душа се согласува со теророт и колежот на кој ќе бидат изложени. Барајте ја правичноста со своето срце, на начин кој нема да ги повредува најкревките битија на овој свет кои зависат од нас луѓето.

Длабоко веруваме во големина на творецот – за некој Алах, за други Бог и сигурни сме дека нивната милост се однесува и на животните. Сега апелираме на вашата – дозволете им на животните да живеат. Не одземајте животи за Курбан, во тоа крвопролитие не учествувајте.

Среќни празници на сите Муслимани, здравје, мир, среќа вам, и на вашите семејства. Славете ги празниците во мир, сочувство и љубов, дарежливост но без да ги повредувате животните“, стои во соопштението на „Анима Мунди“.