Граѓански здруженија: Итни мерки за воздухот, а не ветувања и владини тактики

Граѓанските здруженија и иницијативи – организатори на протестот „Излези за воздух“ велат дека со предложените мерки и препораки, Министерството за животна средина и просторно планирање конечно се разбуди од хибернацијата и проговори околу аерозагадувањето во повеќе детали.

Тие посочуваат дека мерките што министерот Нурхаин Изаири јавно ги претстави во петокот, се познати и објавени на интернет страницата на Министерството уште во ноември, меѓутоа не се почитуваат.

„За жал надминување на законските граничните вредности за ПМ10 честичките има речиси секој ден во декември. Спроведување на предлог мерките објавени во ноември, нема!“, велат во заедничкото соопштение повеќе од 20 граѓански здруженија.

Во делот на препораките, тие сметаат дека три од седумте препораки, посочуваат на евакуација на населението, а не мерки за спречување на аерозагадувањето, мислејќи на ослободувањето од работни обврски на хронични болни, бремени жени и лица постари од 60 години, предвремениот зимски распуст за училиштата и забраната за работа на градежни работници на отворено.

„Наместо да си ја префрлаат топката, Владата, МЖСПП и локалните самоуправи на загрозените општини треба итно да реализираат кризни, краткорочни мерки, а истовремено да работат и на долгорочни, стратешки мерки кои ќе превенираат вакво енормно загадување. Со други зборови, Владата, МЖСПП и општините не треба да бидат само декларативни „пожарникари“ против аерозагадувањето, туку треба да работат на спроведување на итните мерки и на превенција. Ја потсетуваме јавноста дека во истово време минатата година (2014), МЖСПП излезе во јавноста со предлог-мерки кои подоцна беа дискутирани и одбиени на ниво на Влада“, порачуваат здруженијата.

Мерките и препораките кои ги претстави министерот Изаири дополнително треба да бидат усвоени од Влада за да се спроведат. Меѓутоа, се уште не се знае дали и кога мерките за намалување на  аерозагадувањето предложени од Министерот ќе се најдат на владина седница.

Премиерот Никола Груевски, вчера изјави дека не бил запознаен со предлог-мерките. Тој му порача на Изаири предлозите да ги достави до Владата, а таа да ги разгледа.

„Доколку тој процени дека како прашање треба да го достави до влада ние ќе го разгледаме на седница на Влада“, кусо изјави Груевски.

Граѓанските здруженија од Скопје, Битола и Тетово, а со поддршка и од Велес и Кавадарци, потсетуваат на протестот за воздух закажан за утре (понеделник) пред Влада, со кој ќе го изразат граѓанскиот револт од досегашната пасивност на надлежните. Дополнително, нагласуваат дека нивната кампања за чист воздух нема да запре се додека концентрациите на канцерогени ПМ10 и ПМ2.5 честички не се доведат под максималната граница пропишана од ЕУ, во период од 10 последователни денови. Исто така, ги повикуваат Владата и МЖСПП да делуваат веднаш со спроведување на заштитни мерки.