Граѓански предлози за излез од кризата – критики за екстерното и новите универзитети

Моделот на екстерно тестирање, основањето на новиот универзитет „Дамјан Груев“, политизираноста и монополот во студентското и средношколското организирање, се дел од проблемите кои се ревидирани и критикувани од граѓанските организации. Овие проблеми се нотирани во Предлогот за итни демократски реформи (Blueprint), во секцијата Образовни и младински политики, кој денес го презентираа група граѓански организации во Скопје.

Предлогот за итни демократски реформи е документ кој дава насоки за клучните демократски промени во земјата потребни за фер, слободни и кредибилни избори, а опфаќа вкупно дванаесет сегменти од јавен интерес.  Во делот за образование и младински политики, она што предлогот го опфаќа е ревизија или спречување на мерки и политики коишто влијаат штетно и го намалуваат квалитетот на образованието, се одразуваат негативно и врз учениците, и врз студентите и врз наставниот и академскиот кадар, вели Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум, која учествуваше во подготовката на документот.

Меѓу инструментите посочени во предлогот, додава таа, се и повлекување на штетните и непромислени закони, како Законот за основање на нов универзитет, Законот за наставници во основни и средни училишта, Закон за академија на наставници.

„Иако образованието не делува како најприоритетна област во екот на волку голема политичка криза, сите работи околу нас укажуваат дека е приоритет и има проблеми кои допрва ќе видиме како ќе се одразат, поготово со избрзаното усвојување на новиот универзитет „Дамјан Груев“,  додека истиот ден се случуваше бојкот на седница на Сенат на УКИМ. Денес, речиси недела дена откако е усвоен тој закон, веќе има предлог – амандман по скратена постапка на неговата содржина“, вели Костуранова.

Според неа, особено спорен во моментов е изборот за студентски парламент на најголемиот универзитет во државата кога беше забележано крадење кутии, насилство и полициска бруталност врз студенти. Друго спорно прашање е и воспоставувањето на Националната стратегија за млади.

„Иднината на блупринтот можеби е неизвесна, но намерата е и повеќе од очигледна. Ова е единственото упатство кое постои во моментов за тоа како треба да се надмине политичката криза. Ова е експертизата на граѓанското општество, нивните знаења, искуства и пристапи за тоа како најдобро треба да се преземат конкретни чекори за излез од политичката криза. Никој досега не даде конкретни решенија, и сите ние како граѓани на оваа држава сме заложници на една ситуација во застој која не се поместува веќе со години и станува се повеќе и повеќе бесперспективна. Ова е резултат на неможноста на партиите да направат нешто и да ја подобрат состојбата и ние да видиме нешто подобро во државава“, изјави Костуранова.

Во однос на екстерното образование, дел од препораките на граѓанските организации се поклопуваат со предлогот за екстерното образование, вели Сузана Пецаковска, координатор за образование во Фондацијата Отворено општество – Македонија.

„Суштинскиот проблем останува ист и понатаму. Многу, ако не и сите аспекти од сегашниот модел на тестирање се проблематични, и остануваме на мислење дека треба да се преосмисли и ревидира, со максимално вклучување на сите засегнати страни. Треба да бидат консултирани тие кои се директно засегнати од овој модел, односно учениците, родителите и наставниците“, вели Пецаковска.

Предлогот со дванаесетте сегменти од јавен интерес беше најавено дека ќе биде доставен до сите надлежни органи и политички партии, институции и меѓународни заедници вклучени во Пржинскиот процес. Во неговата подготовка учествувале поголем број на граѓански организации и индивидуални експерти, и заедно со нив се поставени стратешките правци.

„Нема да стоиме настрана како граѓани и граѓански организации и сакаме да придонесеме кон надминување на длабоката политичка криза, која сериозно ја загрозува стратешката определба на Македонија за интеграција во ЕУ“, изјави Александар Јовановски од Институтот за европска политика.

Во предлогот се разработени сегментите: јавни финансии и економија, правосудство, борба против корупција, избори и изборен систем, медиуми, јавна администрација, контрола врз полицијата и агенциите за безбедност и (контра)разузнавање, собрание, граѓанско општество, социјална заштита  благосостојба и одржливост, образовни и младински политики  и животна средина.

С.Т.