Граѓански организации: Прво суштински реформи, потоа датум за избори

Околу 75 невладини организации и граѓански иницијативи доставија заедничко писмо пред Делегацијата на ЕУ во Македонија, во кое бараат спроведување суштински реформи пред одржувањето на предвремените избори во земјава.

„Без исполнувањето на условите за слободни, фер и демократски избори, што подразбира нужно одложување на постојниот датум, ние како граѓански активисти немаме друга опција освен да повикаме на бојкот на изборите закажани во април и на масовни протести против режимот кој продолжува да ги гази демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија“, се вели во писмото кои тие го упатија до претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини и други меѓународни фактори.

Во него организациите укажуваат дека во изминатите седум месеци, реформите кои требаше да доведат до надминување на политичката криз во Македонија не биле остварени.

„Наместо почитување на темелните вредности на ЕУ, сè уште сме сведоци на недемократски процеси, непочитување на човековите права и газење на Уставот на Република Македонија, донесување еднострани одлук, политичко самоволие и узурпирање на законодавната и судската власт од страна на извршната власт“, се наведува во писмото.

Тие потсетуваат на сериозната медиумска криза, загрижени се поради постојаните опструкции на работата на Специјалното обвинителство, како и поради тоа што сè уште не се изведени на суд учесниците во изборниот криминал. Меѓу останатото, тие бараат деполитизација на судството, независни регулаторни тела, департизација на јавната администрација, проверка на избирачките списоци.  Оттука сметаат дека во услови кога не се остварени основните реформски препораки, скандалозно е, како што велат, едностраното, самоволно и противуставно донесување одлука за одржување избори на 24. април 2016, од страна на Собранието, а во отсуство на поголемиот дел од опозицијата.

„Ние инсистираме да се спроведе сѐ она што е договорено и потпишано со Договорот од Пржино, и секако, пред сѐ идните реформски приоритети за Република Македонија“, вели Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.

За крај, во писмото граѓаните бараат доследно придржување на потписниците на договорот до основните вредности на кои е втемелена ЕУ, а кои се во основата на Итните реформски приоритети и експертските препораки од Извештајот на Прибе.