Граѓански активисти бараат Диме Спасов да си поднесе оставка

Повторно лаги, бегање од одговорност и закани за тужење на медиуми кои си ја вршат својата работа. Диме Спасов мора да одговара за своите постапки така што ќе си поднесе оставка од функцијата дополнителен заменик министер за труд и социјална политика, порачаа денес граѓанските активисти Павле Богоевски и Влатко Васиљ од местото каде се случи сообраќајната незгода.

Според Богоевски, случајот со Спасов, уште еднаш покажал како функционира пропагандата и изигрувањето на правдата.

„Нашиот систем не смее да продолжи да толерира прекршување на законите од тие кои треба да ги спроведуваат. Бараме и очекуваме, Диме Спасов да поднесе оставка од својата функција. Веднаш“, рече тој.

Васиљ, пак, рече дека тие немале денес да држат прес-конференција, ако Спасов веднаш презел одговорност за своите постапки. Според него, неодговорноста и прикривањето на дополнителниот заменик министер, повлече сплет на настани што резултираа со уште поголеми лаги, манипулации и презентирање на лажни факти пред јавноста.

„Затоа бараме од Министерството и од Министерот за внатрешни работи да ги преземе сите потребни дејствија за расветлување на случајот и санкционирање на сторителите. Истовремено, потсетуваме дека и давањето лажен исказ и лажното пријавување кривично дело се посебни кривични дела за кои мора да постои одговорност“, рече тој.

Активистите посочија дека ова е вистинската шанса, МВР да покаже професионалност и одговорност во своето работење, а со тоа да почне да ја враќа вербата на граѓаните во оваа институција.

Вчера, Министерството за внатрешни работи објави соопштение во кое се вели дека Спасов со службено возило удрил во друг автомобил, а потоа, бегајќи од местото на незгодата предизвикал штета и на друго возило. Откако на терен излегле полициски службеници да ја увидат ситуацијата, тој повторно со трчање избегал од местото каде се случила незгодата. Еден час подоцна, на истото место, се пријавило трето лице кое ја презело вината, иако според полицијата, неговиот исказ не соодвестувал со оној на девојката која била заедно со Спасов.

Дел од провладините медиуми напишаа дека Спасов всушност бегал од група криминалци од албанско потекло, кои како што пренесуваат, го бркале и му го попречувале патот, па така ги предизвикал двете сообраќајни незгоди. Тој најави и кривични пријави против нив. Но, нов пресврт во приказната е тоа што токму оние што ги обвинува Спасов, самоиницијативно се појавиле во полициската станица да негираат.