Граѓаните во државниот карантин се жалат на контрадикторни мерки, од Владата велат дека сè е во согласност со препораките

„Не е проблем седењето уште 14 дена во домашна самоизолација. Проблемот е во тоа што сме известени три дена пред да излеземе од државен карантин и приморани да потпишеме изјава дека се согласуваме, а не пред воопшто да се качиме во авионите за назад. Образложението зошто уште 14 дена е бидејќи државните карантини се колективни, иако реално секој е сам или сме по двајца во соба“, вели за Радио МОФ Вирџинија Ристеска, која пред скоро 3 недели, беше сместена во државен карантин.

Таа пред три дена на социјални мрежи објави дека при влегувањето во авионот на 27 март на македонските државјани им биле дадени само два документи, согласност за сместување во државен карантин и согласност за подмирување на трошоците на летот. Но, само неколку дена пред напуштањето на карантинот им се доставени уште два нови документи – известување дека индивидуален превоз од државниот карантин до нивните домови треба да си организираат сами, како и согласност за дополнителна двонеделна домашна самоизолација која доколку не се испочитува би довела до повторно сместување во државен карантин.

„Да не се разбереме погрешно, немам против седење дома, ниту пак имав намера кога ќе излезам од карантин да шетам по Скопје. Но, имам многу против дискриминација, а во случајов сме дискриминирани сите кои се вративме од странство бидејќи иако ќе го поминеме рокот за инкубација од 14 дена, за нас и понатаму важат други правила од остатокот од граѓаните, ненавремено известување и решенија од ракав сосема контрадикторни едни на други, а излезени од иста институција“, пишува Вирџинија.

Таа сега прашува, зошто се бара граѓаните сместени во државниот карантин сами да си организираат индивидуален превоз до дома, ако не би се мешале со други луѓе, кога истовремено се бара од нив сè уште да се во двонеделна изолција бидејќи наводно биле во заеднички карантин. Сосема е контрадикторно, забележува таа и дополнува дека е револтирана од фактот што не им се извршени никакви тестирања за коронавирус.

„Овие две изјави се сосема контрадикторни една на друга и тоа е она што доведува до револт, како и фактот дека никој кој нема симптоми нема да биде тестиран, иако на пресовите до скоро се зборуваше дека ќе бидат спроведени тестови“, истакнува.

Од Владата објаснуваат дека тестирањето ќе биде извршено само ако пред напуштање на карантинот кај некој се утврдат симптоми на КОВИД-19.

„При напуштање на државниот карантин граѓаните потпишуваат два примероци од изјавата за самоизолација, на кои се потпишуваат одговорниот лекар присутен за време на напуштањето и одговорниот од МВР. Тестирање се прави доколу кај некој од нашите граѓани се појават симптоми. Пред напуштање на државниот карантин, се врши проверка на здравјето на лицата сместени во државен карантин и доколку се утврдат симптоми на КОВИД-19, се постапува согласно донесените протоколи од Министерството за здравство“, пишуваат од Владата.

Оттаму истакнуваат дека вработените во МВР и АВРСМ кои се задолжени за спроведување на редот и дисциплината во објектите, ќе го воспоставуваат редот на напуштање, при што лицата се отпуштаат според бројот на собата во која се сместени, без да дојде во контакт помеѓу сместените лица, односно соба по соба. Оттаму дополнуваат дека отпуштањето на лицата сместени во објекти во државен карантин ќе се врши по започнувањето на полицискиот час со цел полесно да се контролира движењето на лицата кои го напуштаат објектот, за поголема безбедност на сите.

Министерството за внатрешни работи ги најавува сите возила кои ќе вршат превоз на лицата кои се отпуштаат од државниот карантин, за непречено движење до објектот каде лицето ќе биде во самоизолација.

„Лицата сместени во државен карантин, кои треба да го напуштат државниот карантин, за време на викенд кога е полициски час или пак се од градови каде има ограничување на движење преку цела седмица, ќе бидат прашани на денот на напуштање од страна на полицискиот службеник за име и презиме и возило кое ќе дојде да го изврши транспортот. Полициските службеници имаат список на дневна основа кој граѓанин кога го напушта државниот карантин и тие ги најавуваат лицето и возилото кое ќе дојде по нив“, додаваат од Влада.

Ристевска, за Радио МОФ дополнително посочува и дека рокот за плаќање на авионскиот превоз е 15 дена од денот на слетување, но точната сума од 178€ за релацијата Загреб-Скопје ја дознала три дена пред истекот на рокот, што е случај и за преостанатите повратници. Сега прашува, како да плати, ако мора да седи во самоизолација.

Без конкретен одговор за оваа тврдење, од Владата само велат дека за условите под кои се организираат овие летови, сите граѓани затекнати во други држави навреме и детално се информирани.

Ивана Смилевска