Граѓаните пред Собрание: Сакаме Влада која се плаши од нас, а не ние од неа!

„Се прашувам што ќе беше различно, колку животи ќе беа поубави и подобри ако Јанкуловска дадеше оставка тогаш кога ние  ја баравме. Сепак, она вчера не е доволно. Ние остануваме секој ден во шест, се додека не даде оставка целата Влада, и бараме не само политичка туку и криминална одговорност“, подвлече во својот говор пред македонското собрание активистот Александар Донев.

„Сакаме Влада која се плаши од нас, а не ние од неа. Поради вчерашните оставки никој не може да ви каже дека џабе протестирате“, додаде Донев.

Илјадниците граѓани денеска во 6 часот попладне се собраа пред Владата, од каде маршираа до скопскиот Основен суд, за потоа да продолжат пред Собрание. Пред владината зграда тие побараа оставка од Владата и од премиерот Никола Груевски, а пред судот ослободување на притворените активисти и студенти поради учеството во бранот протести кој започна на 5 мај. Протестот потоа продолжи пред македонското Собрание.

Од пред Собранието, во своето обраќање пред насобраните граѓани, студентката Марија Грубор побара слобода за сите притворени поради учество во протестите.

„Драги сограѓани, можеби оваа борба ја започнавме на различни фронтови, но благодарение на нашата политичка свесност  застанавме обединети против оние кои не работат за нас. Денес сме овде пред се за да изразиме солидарност за нашите притворени студенти, на нивното место можеме да се најдеме и ние, сите оние кои не замолкнаа навреме.“

„Зарем не е налудничаво да бараме подобро образование од систем кој целото наше општество го држи во заложништво“, истакна Грубор.

Од движењето „Протестирам“, најавуваат нов протест за утре, во 6 часот пред Влада.