Граѓаните пред Собрание: Сакаме да ја живееме, а не да ја сонуваме слободата

Со скандирање „Оставка“ , на македонски и албански јазик, стотици демонстранти и денеска излегоа на протест во Скопје. Во 6 часот попладне тие се собраа пред Владата, од каде што маршираа кон скопскиот Основен суд и Собранието на Република Македонија.

„Зошто не се откажуваме? Зошто три оставки не се доволни, бидејќи Груевски ги има пуштено пипците насекаде. Овие оставки ништо не менуваат. Пак ќе имаме диктатура. Сакаме да ја живееме, а не да ја сонуваме слободата“, рече во својот говор пред насобраните граѓани Здравко Савевски од „Солидарност“ кој го заврши со пораката дека „борбата продолжува се до оставка на Никола Груевски“.

Говор пред Собранието имаше и Мариглен Демири, од Студентски пленум.

„Доста ми е навистина од неписмени министри. Доста ми е од неписмени директори на јавни служби. Доста ми е од сиромаштија , не можам да ја гледам бидејќи ја живеам 24/7. Доста ми е од корумпирани судии. Оваа багра мора да си оди“, побара Демири.

[Галерија] Од Влада, до Суд и Собрание – протест и денеска во 6 часот

Со својот говор, кој го кажа и на македонски и на албански јазик, Демири побара од граѓаните да покажат дека „се свесно јадро против режимот“.

Водителот Огнен Јаневски пак пред Собранието го повтори барањето за оставка на министерот за Здравство, Никола Тодоров и потсети на случајот со малата Тамара која почина чекајќи решение за лекување во странство.

„Никола Тодоров и ја одзеде можноста на Тамара да трча. Тој мора да одговара за нејзината смрт“, подвлече Јаневски.

 

Демонстрантите најавија дека и утре во 6 часот, повторно ќе излезат на протест пред Влада.