Граѓанската иницијатива „Да го вратиме Партизан на граѓаните“ од Карпош со цел спречување на понатамошно уништување на овој спортско рекреативен објект и негово враќање во функција на жителите, за утре од девет часот организира неформално дружење со спортски и забавни активности.
„Скршени прозорци и врати, ишарани ѕидови, отпад на сите страни, a влезот слободен. Ваква е состојбата на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“ попозната како „Партизан“, која некогаш била гордост на градот Скопје“, велат од иницијативата.
„Ваков спортски објект многу значи и за здравјето на младите генерации и штета е да не функционира повеќе од 10 години“, сметаат од „Да го вратиме Партизан на граѓаните“.
И најстарите жители од населбата Карпош, со носталгии зборуваат за почетоците каде го поминале нивното детство. Велат дека салата „Партизан“ важела за една од најпосетуваните спортски сали, а тука биле и првите спортски чекори на голем број спортисти.
„Тука сме израснале, сме играле и детски игри и фудбал, жалосно е.“
„Тука имаше многу спортски активности, имаше деца кои научија и ракомет и фудбал и пинг понг“
Револтирани, за катастрофалната состојба во која се наоѓа салата „Партизан“, жителите бараат салата да се врати во првобитна состојба бидејќи таа им припаѓа ним.
„Наум Наумовски – Борче“, или како што Скопјани се сеќаваат салата „Партизан“ е изградена во 1969 година како подарок на француската влада за Скопје веднаш по катастрофалниот земјотрес.