Граѓаните на Македонија месечно зборуваат по 222 минути на мобилен, а 47 минути на фиксен телефон

Во првите три месеци од годинава во мобилната телефонија се регистрирани 1.988.376 активни претплатници, додека фиксна телефонија користеле 366.436 претплатници, покажуваат Извештајот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Во споредба со истиот период лани, има 1,78 проценти помалку активни корисници на мобилната телефонија, додека кај фиксната телефонија има раст од 1,2 проценти, но целокупниот обем на сообраќај преку фиксните телефони, пак, е намален за 5%.

Корисниците на мобилни просечно иницирале скоро 102 повици месечно, а во просек зборувале по 222 минути. Преку фиксната телефонија претплатниците просечно правеле по 18 повици месечно и зборувале 47 минути.

 

Зголемување од 2 проценти има и кај вкупниот број претплатници на ТВ-услуги, односно за таква услуга биле претплатени 397.402.

Услуги врзани во пакет користеле 347.526 претплатници, или за 5,39 проценти повеќе споредено со првиот квартал лани.

Во Македонија во првиот квартал годинава пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G)  имале 1.275.168 претплатници, или за  0,70 проценти повеќе во однос на  последниот квартал лани,  а за 12,38 проценти споредено со првиот квартал од 2017 година.

Според податоците на АЕК, пазарниот удел на оне.ВИП оператор  во вкупниот број  корисници на интернет преку мобилна мрежа во првиот квартал годинава изнесува 52,05 проценти,  Македонски Телеком учествува со пазарен удел од 46,38 проценти, додека Лајкамобајл има пазарен удел од 1,57 проценти.

Според Извештајот за развој на пазарот за електронски комуникации на АЕК во првите три месеци од годинава бројот на претплатници на пристап до интернет со широк опсег изнесувал 399.575 претплатници односно за 0,83 проценти повеќе во однос на четвртиот квартал од 2017 година, а за 5,02 проценти споредено со првиот квартал  лани.

Во првото тримесечие пристап на интернет преку оптичка  мрежа имале 42.196 претплатници, односно за 88,77 проценти споредено со истиот период минатата година.