Граѓаните на Македонија гласаат на предвремени парламентарни избори

Од 7 часот утрово, па до 19 часот вечерва во земјава се одвива гласањето на деветите парламентарни избори, четврти предвремени од 2008 година. Граѓаните гласаат низ 3.480 избирачки места во шест изборни единици, откако во седмата единица (дијаспората) гласањето се спроведе вчера.

Во избирачкиот список во Македонија се запишани точно 1.784.416 полнолетни државјани на Република Македонија. Од нив 230.122 лица се издвоени во посебен извод од списокот, бидејќи за нив се смета дека се на привремена работа во странство, но гласачкото право можат да го искористат со важечка лична карта или пасош.

Со цел да се спречат злоупотреби, од годинава, освен лични податоци, на избирачкиот список има и фотографии од гласачите.

Од Државната изборна комисија (ДИК) потенцираа дека гласањето ќе се реализира со заокружување со сино мастило. Штиклирање, иксови и сл. нема да бидат уважувани при броењето на гласовите.

„Сакаме да ги потсетиме гласачите дека своите гласачки ливчиња треба да го обележуваат исклучиво со заокружување на редниот број пред подносителот на листата, заокружување на симболот на подносителот на листата или на целиот назив на подносителот на листата со хемиско пенкало во сина боја. Ливчињата обележани на поинаков начин ќе се сметаат за неважечки“, рекоа од ДИК.

На изборите учествуваат 11 политички субјекти – шест политички партии и пет коалиции, со 58 листи и 1.092 кандидати.

Изборите ќе ги следат околу 8.000 набљудувачи –  7.585 домашни, 667 странски набљудувачи со 354 преведувачи, но и 75 странски новинари.

Од Граѓанската асоцијација МОСТ нагласија дека гласачите повреда на гласачкото право ќе можат да пријавуваат на бесплатната телефонска линија 080 080 080 или преку веб – страницата neregularnosti.most.org.mk.

Може да се пријави и на Хелсиншкиот комитет за човекови права преку бесплатните телефони 0800-44-222 и 02-3119-073 или преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk. Истовремено, во текот на изборниот ден граѓаните можат да пријават повреда на избирачкото право и во седумте канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, или на бесплатната линија 0800-54321.