Карпа голема од шест до осум кубни метри и тешка околу 20 тони се заканува да падне во близина на браната на хидроелектраната Матка, предупредија од Центарот за управување со кризи. Апелираа до граѓаните да не се движат на местото.
Заклучокот од денешната работна средба со останатите надлежни е дека состојбата со опасната карпа е неодржлива.
„На состанокот беше разгледана состојбата со опасната карпа и од стручните лица беше констатирано дека истата има гранична стабилност и дека е потребно преземање мерки и активности за превенција и намалување на опасноста од карпата. Исто така, се идентификувани две групи на ризици, прво примарна штета – од евентуално паѓање, односно одрон на карпата и секундарна штета – излевање и ударен бран од водата. Затоа, превентивно се апелира на граѓаните да не се движат на местото под карпата на брегот на десната страна на речното, односно езерско корито, а и дека ќе се обележи зоната на ризик“, информираат од ЦУК.
Оттаму посочуваат дека ќе донесат мерки за ограничување на движењето во зоната на опасност така што не би го попречило работењето на фирмите во околината и движењето на туристите надвор од зоната на ризик.
Претходно од ЦУК алармираа дека при паѓање на карпата би била предизвикана лавина од други камења и карпи и таа би паднала на местото каде што се испушта вода, која оди во хидроелектраната.