Граѓаните да пријават ако забележат бездомно лице на кое му треба помош, апелира Црвен крст на Град Скопје

Околу 150 бездомни лица на неделно ниво ги користат услугите во Пунктот на Црвен крст на Град Скопје, кој се наоѓа во Момин Поток. Во нивниот регистар, пак, досега се забележани околу 250 бездомни лица.

За новогодишните празници, во четврток (30 декември) од 10 часот традиционално ќе се означи денот со предновогодишен ручек, како и дистрибуција на помош во вид на хуманитарни пакети со топла облека и храна.

Заради студениот бран, Пунктотот по потреба ќе стане прифатилиште за преноќување на бездомните лица. Оттаму апелираат до граѓаните ако забележат бездомно лице на кое му е потреба помош, да направат дојава на телефонот 071/733-171.

Пунктот за бездомници функционира веќе 13-та година нуди повеќе услуги за лицата кои немаат свој дом и има за цел да овозможи тие да ги остварат основните човекови права и да се реинтегрираат во општеството. Истиот е финансиски поддржан од Градот Скопје и повеќе компании и граѓани.