Граѓани во Чикаго се солидализираат со 89-годишниот локален продавач на сладолед, собрани над 200 илјади долари

Фиденсио Санчез, 89, продава сладоледи и слатки во соседство во Чикаго, доволно долго за сите да го познаваат.

Тој секојдневно минува низ улиците со количка од која го продава сладоледот, а со ѕвонче ги привлекува купувачите.

Санчез секогаш има насмевка на своето лице, пишува Си-Ен-Ен. Но, неговите колена не можат да го издржат неговото стареење.

„Чувствувам дека моето тело полека откажува“, вели тој.

„Уште малку нема да го имам тој капацитет што го имав, но не сакам да запрам со работата“.

Наскоро, тој нема да мора да се грижи. Еден од неговите редовни муштерии бил трогнат од неговиот труд и купил 20 сладоледи за 50 сладоледи, а потоа направи кампања на онлајн сервисот за собирање средства GoFundMe, за да се соберат 3 000 долари.

На страница има фотографија од Санчез заедно со својата приколка обидувајќи се да ја придвижи.

За неколку часа, голема поддршка пристигнала од целиот свет. Три дена подоцна, биле собрани повеќе од 221 000 долари.

„Ми се скрши срцето кога го видов човекот кој наместо да ужива во пензија, тој сè уште работи на негова возраст“, рече неговиот муштерија Жоел Сервантес Масиас.

„Мислам дека фотографијата скрши многу срца и тоа е една од причините поради која луѓето донираат. Тоа покажува дека луѓето го ценат трудот“.

Си-Ен-Ен го сретна Санчез вчера додека тој минуваше низ соседството во југозападниот дел на Чикаго, носејќи ја препознатливата жолта капа и туркајќи ја количката со сладоледи.

„Јас сум многу благодарен и среќен и ќе престанам да работам наскоро“, вели тој.

Сепак, Санчез не е сигурен во тоа дека е подготвен да се откаже од работата, бидејќи тоа е она што го правел цел живот.

Санчез останал сирак на шест месеци, а од 13 години работи за да се издржува, првично во својот роден крај во Морелос, Мексико, а од 1990 година и во Чикаго.

Последните неколку години биле тешки за него и фамилијата. Неговата сопруга не може повеќе да работи, а неговата ќерка, која им готви храна и се грижи за нив неодамна почина.

„Децата не треба да умираат пред нивните родители“ вели Санчез.

„Кога таа почина почувствував огромна болка. Си помислив – што ли ќе правам сега?“

Бланка Гутјерес, која е шеф на Санчез и сопственичка на бизнисот со сладоледи вели дека овој возрасен човек е еден од најтрудољубовите работници.

„Санчез работи низ целата година, дури и во зима“, рече таа.

Но, иако Гутјерес е загрижена за тоа што Санчез работи на негова возраст, таа вели дека нема храброст да му каже да престане.

„Не сакав да му кажам дека нема да му дадам количка со сладоледи бидејќи знам дека би се почувствувал тажно“, рече таа за Си-Ен-Ен.

„Тој вели дека сака да почине возејќи ја количката со сладолед“, додава Гутјерес.