Граѓани се собраа пред судот за поддршка на активистот Достовски и декриминализација на канабисот

Десетици граѓани претпладнево се собраа пред Основниот суд Скопје 1 за да му дадат поддршка на активистот Филип Достовски, кој се залага за легализација и декриминализација на канабисот. Тој денеска беше повикан на суд, откако пред две години влезе полиција во неговиот дом и наjде канабис.

Достовски, кој е претседател на здружението „Зелена Алтернатива“, вели дека и пред упадот на полицијата со години јавно помагале на пациенти да си направат масло од канабис за лек.

„Ние како здружение, 4 години претходно јавно тоа го правиме, никогаш претходно не сме имале проблем со полиција, ништо не сме криеле. Свесни сме дека некои од работите што ги правиме се нелегали, но едноставно мора да се случат. Тоа е практикување граѓанска непослушност. Значи ништо не сме работеле скришно, се било отворено“, изјави Достовски пред почетокот на судењето.

Тој вели дека не очекува фер судење, бидејќи, според него, постојат бројни пропусти во целата постапка. Додава и дека канабисот кој е најден во неговиот дом, е растение кое слободно вирее во Македонија. Канабисот вели, му бил даден од пациенти, за да им направи масло.

„ Јас не сакам да се сложам со условна казна, затоа што не сум криминалец и ништо лошо немам направено. Две години им барам анализа на тоа што ми е најдено дома, за да видат дека во аптека има сто пати појаки препарати кои се даваат без рецепт. Таа анализа не ја добив, а го добив најлошото обвинение“, вели Достовски.

Собраните граѓани пред судот денеска симболично го прославија роденденот на активистот, и побараа негово ослободување, но и законски измени за декриминализација и безбеден пристап до канабисот во Македонија.

Погледнете ја галеријата во продолжение: