Граѓани се противат на изградбата на новата Универзална сала

Група граѓани кои живеат во близина на Универзалната сала во Скопје, обединети во иницијативата „Во одбрана на Буњаковец“, се противат на плановите за уривање на постојната Универзална и изградба на нова, поголема сала на нејзино место.

Модел на предвидениот нов Конгресен центар „Александар Македонски“

Модел на предвидениот нов Конгресен центар „Александар Македонски“

Реакцијата на граѓаните ја пренесуваме во целост:

„Предвидено е да се сруши Универзална сала, објект кој има култно значење за жителите на Скопје, па и на цела Македонија, објект кој е симбол на едно време, симбол на солидарноста која го изгради Скопје по земјотресот, објект кој е длабоко врежан во срцата на многу луѓе.

Предвидено е да се гради објект кој е неколкукратно поголем од постоечкиот. Локацијата е премала за да одговори на неговите потреби. Нема да може да се овозможи нормален приод до него, зашто околните улички се еднонасочни и тесни.

Ќе треба да се изгради подземен паркинг, што е скапо и проблематично, со оглед на подземните води во овој дел од градот.

Ќе треба да се исечат постоечките 50-тина дрвја. Со ова дополнително ќе се намали зеленилото во овој дел од градот, а со тоа и загаденоста на воздухот.

Поевтино е новиот објект да се изгради на некоја друга локација, по примерот на спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Ако сте против рушењето на „Универзална сала“ и градењето на новиот конгресен центар на нејзино место, поднесете приговор до Општина Центар. Анкетниот лист може да се поднесе во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, секој работен ден, од 8 до 16 часот“, велат од граѓанската иницијатива.