Денеска во 13 часот, пред куќата на убиецот на кучето Идриз до Радио Бар, повторно се собраа граѓани за да искажат револт што човекот кој закла животно пред кафуле е на слобода и би можел да плати само парична казна.
Граѓаните, како што пишуваат организаторите, се собираат на мирен протест на местото каде што беше извршено свирепото убиство.
„Сакаме да му оддадеме почит на Идриз и да ја споделиме нашата болка што живееме во општество кое ги толерира насилниците. Ќе им порачаме на институциите дека бараме максимална казна за извршителот на овој грозоморен чин. Бараме нулта толеранција за ваквите злодела. Бараме институциите од сторителот да направат пример и со неговото затворање да испратат порака дека садизмот повеќе нема да се толерира во нашето општество“, пишува во соопштението за настанот.
Тие велат и дека кривичната пријава според чл. 233 (Мачење животни) од Кривичниот законик е изработена и е во процедура на поднесување до Основното јавно обвинителство. Полицијата има признание од убиецот, има изјави од сведоци, ги има оружјата (метална шипка и секира) со кои било извршено убиството и има фотографии од местото на злосторството.
„Начинот на кој луѓето ги третираат животните е само одраз на начинот на кој луѓето се третираат меѓу себе. Да го прекинеме магичниот круг и да почнеме конечно да градиме здраво општество така што ќе ги изолираме и ќе ги неутрализираме болните клетки“, апелираат активистите.