Најавен протест пред Влада во 18 часот за случајот Мартин Нешковски

По објавената 29-та бомба на СДСМ, со која опозицијата ја обвини власта дека го прикрила убиството на младиот Мартин Нешковски, револтирани граѓани преку социјалните мрежи најавуваат протест пред Владата во 18:00 часот.

Свое присуство на протестот веќе најавија неговиот брат Александар, Стуентски пленум, како и голем број на активисти и граѓански организации.

СДСМ на денешната прес-конференција објави снимени телефонски разговори меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, портпаролот на МВР Иво Котевски, шефот на УБК, Сашо Мијалков и Мартин Протуѓер, како и со премиерот Никола Груевски.

Целиот државен врв знаел за убиството на младиот Мартин Нешковски и се обидел да го сокрие и релативизира, обвини опозициската партија. Во разговорите, кои ги објави СДСМ, може да се слушне дека министерката Јанкуловска слушнала за убиството на скопскиот плоштад за време на изборната прослава на ВМРО-ДПМНЕ во 2011, но заедно со своите соработници се обидела да го сокрие пред јавноста, а потоа и да го релативизира. Претставници на власта во разговорите признаваат дека Спасов всушност бил на службена должност, кога се случило убиството.

Нешковски беше убиен од припадникот на специјалните полициски сили Игор Спасов на 6 јуни 2011 година на скопскиот плоштад, по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по повод победата на парламентарните избори.

По убиството, премиерот Никола Груевски изјави дека сторилот не бил на службена должност.

„Сакам да изразам згрозување од она што го прави СДСМ, А1 телевизија и медиумите од “пајажина“ кои се обидуваат убиството да го поврзат со мене и со власта. Се работи за член на ВМРО-ДПМНЕ, лицето кое што е убиено и се работи за лице кое во моментот не било на службена должност. Значи работи во МВР, ама не било на должност, рече Груевски.

Овој случај, уште тогаш предизвика сомнежи за обид за заташкување од страна на државните органи за што беа организирани масовни граѓански протести, кои траеја неколку недели. Граѓаните тогаш бараа оставки и одговорност од власта. Меѓутоа, случајот заврши со затворска казна за специјалецот Спасов од 14 години.

Денешните разговори од 29-та бомба, која ја објави опозициската партија, се достапни на овој линк.