Граѓани од Струга: Продолжува уништувањето на природното наследство заштитено од УНЕСКО

Граѓани од Струга со писмо до јавноста реагираат дека секој ден гледаат како се кршат закони, забрани за градба и продолжува уништувањето на природното наследство. Ова, велат тие, се случува во деликатен период кога Охридскиот регион е во опасност да го изгуби статусот на заштитено подрачје од УНЕСКО, а истовремено во изготовка е Планот за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион.

Писмото на иницијативата го објавуваме во целост:

При воспоставување на мораториум за крајбрежна трансформација на охридското крајбрежје, во Струга се забележуваат градежни зафати и доградувања на повеќе позиции. Една од најпроблематичните локации се двете огромни хали на самото крајбрежје, на стотина метри од Евро-хотел, во прва-а зона. Се работи за објект чија контрукција е изработена пред повеќе од децениј, без соодветна документација како и сите останати угостителски објекти на струшкиот дел од крајбрежјето. Овој објект за разлика од останатите, фасадно се затвора неслучајно токму сега. Објектот е челична конструкција, но неговото затварање се врши со ѕидање и бетонирање. Со тоа статусот на објектот се менува од монтажно-демонтажен во траен и е огромна опасност за крајбрежјето. Се работи за северниот ѕид од објектот, изработен од цигла со димензии од 90-тина метри должина со висина на венец од околу 5 метри поставен на самото крајбрежје од езерото. При неговата реализација, самиот објект не е соодветно заштитен, а не постои ни табла со технички број и информации за објектот.

Овој објект не е единствената дивоградба на крајбрежјето која се гради во моментов. Забележано е повторно бетонирање на крајбрежјето во село Калишта, во автокамп кој повеќепати бил предмет на инспекциска истрага. Најточно би било да се каже дека сите останати угостителски објекти, изградени на плажи со веќе изминати концесии, се исто така несоодветно затварани и се окупатори на голем процент од јавната површина на крајбрежјето.

Ние како граѓани искрено се надеваме дека ставот на кабинетот на градоначалникот дека во Струга не постои дивоградба, наскоро со Планот за управување со природното и културно наследство, како и со списокот на дивоградби во Струга, правно ќе се демантира и ќе се заклучи сосем спротивното, во Струга не постои регуларна градба на која и‘ претходи сериозна студија. Во Струга е неопходна декострукција на постојните импровизации и еднаш за секогаш поставување на правни и  контролни механизми што ќе ја гарантираат потребната заштита. Се надеваме дека нашата реакција ќе ги натера овластените градежни инспектори од општината согласно член 132, став 4, од Законот за градење да излезат на терен и согласно член 133 од истиот закон да ја стопираат незаконската изградба. Доколку овластените градежни инспектори не реагираат навремено, бараме помош од Министерот за транспорт и врски кој неколкупати најави дека ќе ги преземе ингеренциите за крајбрежјето.