Граѓани што живеат во Дебар Маало кои се соочуваат со проблеми поради бучавата и окупираните тротоари доставиле официјално барање до општината Центар од каде што бараат увид на теренот да направат инспекциските служби.
Тие бараат локалната власт да го спроведе Законот за заштита од бучава и одлуката за поставување урбана опрема.
„Веќе подолго време граѓаните на Дебар Маало (а особено некои делови како Ленинова, Пиринска и др.) живеат среде бучава која е неколкупати посилна од дозволеното, а која доаѓа од некои од угостителските локали. Овие угостителските локали на незаконски начин поставуваат звучна опрема на летните тераси (нашите тротоари), без никаква акустичка бариера и создаваат акустично загадување до доцните вечерни часови. Граѓаните се жалат дека не можат да спијат, дека нивниот живот е нарушен“, се вели во барањето на граѓаните.
Дополнително, наведуваат дека некои од локалите целосно ги окупираат тротоарите и оставаат мала или речиси никаква можност пешаците да ги користат. Поради тоа, граѓаните се приморани да се движат на самиот коловоз каде им е загрозена безбедноста.
Некои од локалите, се вели во известувањето до општината Центар, отстапуваат од законските прописи кои дефинираат тоа што е летна тераса и имаат изградено подови и покриви. Со тоа тие се де факто дивоградби кои што ја нарушуваат безбедноста во сообраќајот, сметаат граѓаните.
Дописот до општината Центар содржи предлози за низа итни, среднорочни и долгорочни мерки и преглед на релевантната законска рамка.
„Во Одбрана на Дебар Маало и граѓаните на градската четврт во никој случај не се против егзистенцијата на вработените во угостителските локали во Дебар Маало и како и во случајот со пазарчето Буњаковец (за чие зачувување работиме) ќе се заземеме за остварувањето на правото за работа во нашата општина. Ние го креваме нашиот глас против хаосот којшто во моментов е создаден и неможноста да живееме во услови каде бучавата не е во законски рамки. Долгорочно сметаме дека локалите на Ленинова и Пиринска го немаат интересот да продолжат со оваа практика бидејќи сѐ поголем е бројот на нашите сограѓани кои ги бојкотираат локалите каде се нарушуваат законските рамки прекумерна бучава и слободен простор за движење на тротоарите“, се вели во дописот од граѓаните.