Граѓани на Македонска Каменица „мрднаа со прст“ за почист град

Граѓаните на општина Македонска Каменица „мрднаа со прст“ и активно се вклучија во работната акција за обновување на урбаната опрема на градскиот плоштад, а поставуваа и канти за ѓубре низ кејот на Каменичка река.

Дополнително, во акцијата „За почиста и поубава Македонска Каменица“ се вклучи и Здружението на пензионери со 10-тина волонтери кои подготвуваа и промовираа Бабина баница.

Според организацијата КХАМ, самиот настан учествуваа 100-тина разбудени граѓани и претставници од локалните институции.

„Во целост можеме да потврдиме дека акцијата ‘За почиста и поубава Македонска Каменица’ беше прекрасна акција во која преку дружба и забава постигнавме повисоки цели кои се за општо добро на сите граѓани во исто време успеавме да ја пренесеме и споиме традицијата со модерното и да мотивираме и мобилизираме граѓани од различна етничка  и возрасна структура“, соопшти КХАМ.

Со акцијата, велат тие, се покажало дека соработката со институциите е возможна и дека со желба, ентузијазам и проактивност може да се случи промената што сите сакаат да ја видат.

„Oчекуваме да продолжи ентузијазмот на граѓаните за промена на нештата, но исто така очекуваме совесно и грижливо да се одржуваат општите добра“, соопштија од НВО КХАМ Делчево.

Инаку, оваа акција беше поддржана од НВО КХАМ од Делчево во рамки на иницијативата „Мрдни со прст“ во соработка со  Општина Македонска Каменица, ЕЗ Здравец, ЈКП Камена Река, СОУ Миле Јаневски- Џингар и Здружение на пензионери- М. Каменица.