Граѓани на Барселона маршираа против негативните ефекти на туристичкиот бум

Зад транспаренти на кои пишува „Барселона не е на продажба“ и „Нема да нѐ избркате“, околу 2000 лица минатата сабота ја „окупираа“ Рамбла, најпознатиот булевар во градот.

Протестот беше организиран од коалиција формирана од повеќе од 40 групи на жители од сите страни на градот, не само од соседствата кои се директно под влијание на масовниот туризам.

Бројот на посетители на Барселона расте експоненцијално во изминатите неколку години. Во 2016 година, од прилика деветѕ милиони луѓе престојувале во хотел, а дополнителни девет милиони во апартмани. Освен тоа, градот бил домаќин на 12 милиони еднодневни посетители, кои дошле со автомобил или воз, или пак на брод на крстарење.

Еден од најголемите проблеми кои го поттикнале маршот, е што парите кои сопствениците на станови за издавање ги заработуваат од туристите, ги натерале да ги зголемат кириите за постојаните кираџии. Поради тоа, жителите на каталонскиот град сега имаат економски проблеми со домувањето.

Маршот се случи во ист период кога Барселона усвои закон во петокот, според кој се обврзува да го намали туризмот, за прв пат. Специјалниот урбанистички план за туристичко сместување има за цел да го ограничи бројот на кревети кои се понудени од страна на хотелите и апартманите, преку воведување на мораториум за градење нанови хотели. Во наредниот период нема да се издаваат нови лиценци аа изградба на хотели.

Во градот моментално има 75 илјади хотелски кревети и околу 100 илјади кревети во туристичките апартмани, а половина од нив се нелиценцирани и нелегални. Градското собрание води судски спор против Airbnb, најпознатата онлајн апликација за изнајмување на сместување, бидејќи рекламирале нелиценцирани апартмани на својата платформа.