Граѓани и во лето се жалат на загаден воздух – надлежните претпоставуваат дека е поради пустински ветер

„Надвор не се дише. Да не можеш летно време навечер да прошеташ.“

„Што е ова со воздухов. Некој ќе излезе да објасни?“

Ова се дел од реакциите на О2 Иницијатива откако вчера повеќе мерни станици низ државата покажаа зголемено загадување на воздухот.

Од Министерството за животна средина потврдуваат дека среднодневните концентрации на ПМ 10 честичките вчера биле благо надминати на речиси сите мерни места, освен на мерното место во Гевгелија.

 „При анализа на квалитетот на воздухот се зема предвид и временската прогноза која ја добиваме од УХРМ. Според последниот неформален разговор со УХМР во изминативе денови забележено е движење на топла воздушна маса која носи прекугранична прашина  (се претпоставува дека станува збор за пустински ветер) и истиот може да продолжи и во наредните денови. Од таа причина забележано е надминување на среднодневната концентрација на ПМ 10 честичките и на мерното место во Лазарополе, каде во вообичаени услови мена надминувања“, велат од министерството.

За зголемените вредности на ПМ 10 честичките кај Ректорат и во Миладиновци, од министерството велат дека е резултат на прекин на напојување со електрична енергија, при што настанал прекин во мерењата на сите параметри за квалитет на воздух вклучувајќи ги и мерењата на концентрацијата на ПМ 10 честичките.

„По доаѓањето на електричната енергија мерните инструменти се рестартираат, а појавените високи вредности на измерени концентрации на суспендираните ПМ честички се случуваат поради процесот на стабилизација на инструментот по неговото повторно ставање во функција и се невалидни“, известуваат од министерството.

Покрај ова, посочуваат дека истовремено се консултираат со Државниот инспекторат за животна средина за проверка на евентуално други можни извори на загадување.