Граѓани ги пресретнаа Шилегов и Марин, побараа казна за убиецот на кучињата во Аеродром

Со транспаренти, свирежи и многу прашања, активисти и граѓани синоќа се соочија со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и на Општина Аеродром, Златко Марин, од кои побараа казна за злосторникот кој неодамна брутално уби кучиња во Аеродром.

Активистите ја искористија средбата на градоначалниците со локални жители за да ги пресретнат и повторат своите барања, како и да ги споделат проблемите што ги воочиле на терен.

„Убиец шета по улица со ладно оружје и прави масакар во рок од 3-4 дена. Има жртви коишто се поколени без разлика што е во форма на куче. Кои се мерките за безбедност на сите тука? Дали ќе има патроли, ќе преземе ли некој нешто? Дали се проверени земјоделските аптеки, бидејќи се фрлаат отрови по детски паркови. Ова не е проблем само во Скопје“, посочи една од активистките.

Градоначалникот Шилегов, пак, соопшти дека МВР направиле увид и оти се трага по сторителот. За првпат бил ангажиран и одделот за крвни деликти.

„Не може да превенирате дали некој лудак ќе излезе со секира или сатир на улица и ќе усмрти куче“, рече тој.

Вели дека од неодамна има засилен надзор. Ги повика граѓаните да пријавуваат вакви случаи, да не премолчуваат, на што присутните одговорија со: „Пријавуваме, но во полиција ни се смеат“.

Активистите вчера се појавија со транспаренти ,,Можевме и со секири, место транспаренти“, ,,Никогаш повеќе трпение за вашите гнасни лаги“, како и со маички на кои беше испишана пораката ,,Се чувствуваш ли безбедно“. Револтот се појави откако злосторник со секира пред зграда во Аеродом, масакрираше и уби две кучиња, кои биле миленици на дел од локалните жители.