Граѓани чистеа околу Скопскиот Аквадукт во акција на „Мрдни со прст“

Педесетина граѓани, овој викенд, организирано собираа отпадоци околу Скопскиот Аквадукт во Визбегово, археолошкиот локалитет кој е еден од најзначајните скопски знаменитости.

Настанот е во рамки на кампањата „Мрдни со прст“, додека во акцијата за чистење на Аквадуктот на граѓаните им се приклучија и Националниот младински совет (НМСМ) и Сојузот на извидници на Република Македонија.

Проблемот со отпадоци околу Скопскиот Аквадукт беше пријавен од страна на неколку граѓани на мапата на веб страната www.mrdnisoprst.mk. Организаторите информираат дека последниов месец примиле повеќе од 50 пријави за различни проблеми на различни локации низ целата земја.

За дел од пријавените проблеми на граѓаните веќе се спроведоа акции. Во Битола беше реализирана граѓанска акција за подигање на свеста за загадувањето на воздухот, во Струга беа поставени рачно нацртани корпи за отпадоци во Паркот на поезијата, а во Охрид имаше улична театарска акција преку која младите побараа да има повеќе културни настани.

Во рамките на кампањата „Мрдни со прст“, во тек е и уличен караван по плоштадите низ целата земја кој досега помина во 6 градови и вклучува настани на кои граѓаните имаат можност да го искажат својот став и мислење по разни општествени прашања преку неколку интересни активности.

„Кампањата „Мрдни со прст“ има за цел подигнување на јавната свест за различните можности за општествени промени кои се во доменот на секој поединец, како и да се понудат идеи и можности за придонес кон специфични активности во рамките на заедницата во кои граѓаните можат да се вклучат поединечно, но и колективно“, потенцираат организаторите.

Од „Мрдни со прст“ најавуваат дека кампањата продолжува, а секој кој сака да се пријави за следните акции или да пријави проблем може тоа да го направи преку интернет или Фејсбук страната.